Македонија
Димитриевски: Македонија се трансформира во приватна држава, треба да се ослободи
„Живееме во екстремно централизирана држава, каде што локалните власти немаат големи можности за да манифестираат и реализираат сериозни проекти бидејќи парите, генерално, се централизирани во државата, а централната власт максимално од ден на ден ги злоупотребува со голем број афери кои се секојдневие и сметам дека треба да се влезе во процес за да се ослободи државата. Македонија во моментот се трансформира во приватен облик на владеење, приватна држава“, изјави градоначалникот на општина Куманово и лидер на новиот политички субјект „ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски.
Според Димитриевски, загрижувачки е фактот што Македонија како држава се претвори во апартхејд и токму поради начинот на владеење од актуелните политички структури.
„Гледате дека сега во последниот период се употребува зборот апартхеид, Македонија всушност живее во еден политички апартхеид каде што политичката елита којашто владее и е на власт во моментов, всушност ги ужива сите права, додека сите останати не ги уживаат истите права како и власта”, дополнува тој.
По официјалното потпишување на иницијативата за формирање на политичкиот субјект, Димитриевски вели дека одржале основачко собрание, ги предале потребните документи пред надлежен државен орган за регистрација на субјектот, процес којшто сеуште трае поради неажурноста на институциите.
„Како и вообичаено што одат нештата, секогаш одат споро во Македонија. Чекавме еден месец за официјален одговор од министерство за правда дали можеме да го користиме името Македонија во регистрација на партијата, меѓутоа не добивме конкретен одговор. Поднесовме документи пред надлежен суд и сеуште чекаме одговор, но како и да е, ние веќе се чувствуваме како политички субјект којшто е поддржан од граѓаните. Излеговме со билборди да ја запознаеме јавноста со нашиот слоган, да ја запознаеме јавноста со брендот, името на партијата и продолжуваме активно да работиме на терен, да се организираме и да формираме општинска организација во секоја урбана, урбано-рурална и рурална средина на територија на Македонија“, истакнува тој.
Додава дека неговите ставови се левичарски, особено во делот на економските и социјалните политики во државата, а што се однесува до националниот пристап, порачува дека тие одат кон центарот, повремено и десно, бидејќи, како што вели, никому не му е забрането да биде патриот.
„Тоа што некои го изедначуваат патриотизмот со национализам е нивен проблем. Мојот став е дека сме Македонци со свој јазик, историја и култура. Елементарната поставеност на ЗНАМ ќе биде на крушевските и асномските корени и тоа е суштината за постоењето на оваа држава. Основната цел сега ни е да излеземе на следните парламентарни избори, да ја дадеме нашата политичка понуда на граѓаните, а крајниот епилог ќе го видиме на изборите и после тоа. Граѓаните ќе имаат можност да одлучат“, порачува лидерот на политичкиот субјект ЗНАМ, Максим Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

