Европа
Пристигна првата реакција на Русија за историската одлука на ЕУ за Украина
Русија денеска објави дека одлуката на Европската Унија да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија е политичка одлука, која може да ја дестабилизира Унијата, и ја пофали Унгарија што ѝ се спротивставува.
„Преговорите за пристапување во ЕУ може да траат со години и децении. ЕУ отсекогаш имала строги услови за пристапување и сосема е јасно дека ниту Украина ниту Молдавија не ги исполнува критериумите“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Тоа е политичка одлука“
„Јасно е дека тоа е апсолутно политичка одлука, дека ЕУ сакаше да се солидаризира со тие земји. Сепак, таквите нови членки може да ја дестабилизираат ЕУ и, со оглед на тоа што сме на истиот континент, секако дека внимателно ја следиме“, додаде тој.
Европските лидери на самитот се согласија да ги отворат преговорите со Украина иако таа моментно е во војна со Русија, а која рече дека војната ќе продолжи додека не ги исполни своите цели. Лидерите го надминаа противењето на унгарскиот премиер Виктор Орбан со напуштање на салата во моментот кога се гласаше за историскиот чекор, што Песков го коментира со иронија.
„Тоа е уникатен случај, некој да се чека да излезе на кафе, па да се носат одлуки во негово отсуство“, рече тој. ЕУ исто така се согласи Грузија, која како Украина и Молдавија е поранешна советска република, да стане кандидат за членство.
„Импресионирани сме од Унгарија“
„За наше жалење, желбата на ЕУ да ја покаже таа политичка волја во голема мера е детерминирана од желбата да се изнервира Русија што е можно повеќе и да се антагонизира ЕУ во однос на Русија“, рече Песков. Поради унгарската блокада, на самитот не можеше да се договори за 50 милијарди евра помош за Украина.
„Унгарија има свои интереси и, за разлика од многу други земји членки, цврсто ги брани, импресионирани сме од тоа“, посочи Песков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

