Култура
Промоција на бугарското издание на романот „Турнеја“ од Сашо Огненовски во КИЦ на РСМ во Софија
Денеска, од 1830 часот, во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија, ќе се одржи промоцијата на бугарското издание на романот „Турнеја“ (из. „Изида“) од македонскиот писател Сашо Огненовски. Романот ќе биде претставен од издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров и од самиот автор Сашо Огненовски.
Што се случува кога театар раководен од фатени за гуша медиокритети ќе тргне на светска турнеја?
Романот „Турнеја“ е безмилосна сатира за проблемите во театарската институција. Уметноста е уништувана малку по малку од желните за власт псевдоинтелектуалци.
Брилијантно конструираните ликови на Сашо Огненовски ги доживуваат своите лични трагедии на фонот на непрестаен распад, придружен со многу хумор и иронија. А загатката за тоа кој е мистериозниот Азазел (или Арлекин или Бегемот) кој потпишува смртни пресуди зад сцената го држи читателот на нокти до последната страница.
Кој ќе преживее последен? Тоа е прашањето.
Сашо Огненовски (1964, Битола) е актер, режисер и писател. Дипломирал на Факултетот за театарска уметност во Скопје 1987 година. Магистер по пиар и медиуми. Работел како наставник на Педагошкиот факултет во Битола. Има над 100 улоги во Народниот театар во Битола. Автор е на над 10 книги поезија, проза, драми и истражувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Обајвен конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година
НУМ „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со Јуроп Хаус и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, го распишаа конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024 за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант.
Конкурсот е објавен денес, на 9 мај, Денот на Европа и ќе трае заклучно со 3 јуни 2024 година, до кога сите пријави и необјавени поетски збирки треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата.
Авторот не смее да биде помлад од 18 години, односно постар од 30 години заклучно со денот на крајниот рок на конкурсот и мора да биде државјанин на Република Северна Македонија. На конкурсот пријава може да поднесе исклучиво авторот.
Пријавените необјавени поетски збирки ќе ги разгледува жири-комисија од три члена, којашто најдоцна до 1 јули 2024 година до Управниот одбор на СВП треба да достави единствен предлог за добитник на наградата. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 3 јули 2024 година.
Наградата вклучува плакета, паричен износ и објавување на печатена публикација во склоп на изданијата на СВП.
Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга кон крајот на август 2024 година, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Поетската награда „Млада Струга“ е возобновена награда која што во минатото се избираше на Конкурс што го распишуваше Книжевната младина на Македонија.
Култура
Шопен под отворено небо со Дино Имери
Во сабота со почеток во 12 часот ќе се одржи музички настан организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот.
Имено, во Градскиот парк, на „Школка“, македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар, полскиот композитор Фредерик Шопен.
„Волшебникот на пијаното“, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр.1 оп.23, во g-moll, Grand Valse Brillante оп.34 бр.1, во As-dur, Валцер оп.64 бр.2, во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1, во Des-dur -„Минутен“, Ноктурно оп.20, во cis-moll, Скерцо бр.2 оп.31, во b-moll, Мазурка оп.17 бр.4, во a-moll и Полонеза оп.53, во As-dur – „Херојска“.
Станува збор за навистина редок настан, затоа што класичната музика не се изведува често на отворено.
Но, идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање на концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни, светски пијанисти.
Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј кој светот го направи подобро место за живеење.
Настанот е бесплатен.
Култура
ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби инспирирани од творештвото на Франц Кафка
По повод 100 години од физичкото заминување на Франц Кафка (1883-1924), еден од највлијателните европски и светски писатели на 20-от век, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби.
Делата, напишани на македонски јазик, може да бидат во вид на расказ или есеј, а секој автор може да учествува со една творба на слободна тема, инспирирана од книжевните дела и/или животот на Кафка.
Максимална должина на секоја од испратените творби е 5 000 зборови.
Творбите да се потпишат со шифра, а на посебен лист да се пополни пријава за учество на конкурсот со следниве податоци: шифра, име и презиме, наслов на испратено дело, телефонски број, e-mail адреса и адреса на живеење.
Пријавите за литературниот конкурс да се испратат на е-адресата на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија: [email protected], најдоцна до 25-ти мај 2024 година.
По завршувањето на конкурсот, ќе бидат доделени парични награди за трите најдобри творби.
Конкурсот е без возрасни ограничувања за авторите или авторките.
Секоја непотпишана и нецелосна пријава на конкурсот нема да биде разгледана од страна на жири-комисијата, се наведува во соопштението.