Македонија
Богоев: Нови дронови за поддршка во борбата против шверцот

Двата клучни сектора за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал, Секторот за контрола и истраги и Секторот за посебни истражни мерки, ќе се зајакнат со дронови, што ќе бидат обезбедени како донација од Обединетото Кралство, со кои ќе ракува специјален тим, кој неделава помина обуки организирани од страна на експерти од Обединетото Кралство. Ова е од големо значење за зголемување на ефикасноста на институцијата, превентивно дејствување, како и обезбедување докази и зајакнување на истрагите, што ќе води кон сузбивање на организираниот криминал, велат од Царинската управа.
„Поголемата видливост од воздух е многу важна во делот на справување со предизвиците со кои се соочуваат царинските инспектори при откривање и спречување нелегални активности. Методите за шверцување постојано се усовршуваат, што соодветно бара зголемување на ефикасноста на двата клучни сектора за сузбивање на организираниот криминал и корупцијата“, рече директорот Стефан Богоев на денешниот настан во рамките на кој тимови од Секторот за контрола и истраги и Секторот за посебни истражни беа обучувани за ракување со опремата, a на кој присуствуваше и заменик-директорот Муарем Асани.
Беспилотните летала овозможуваат поголема видливост како во текот на денот така и во текот на ноќта, како и фотографирање од далечина со висока резолуција. Ова е од голема корист при вршење на специјалните задачи поврзани со откривање организиран криминал и корупција.
Воедно, користењето дронови овозможува покривање поголеми области побргу и поефикасно за разлика од традиционалните методи, што овозможува потенцијалните закани да се детектираат со голема брзина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството бара да се продолжи притворот на осомничените за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани побара од Судот да се продолжи притворот за сите осомничени во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, а во кој загинаа 61 лице, а повеќе од 100 се повредени. За тројца од осомничените, Обвинителството бара мерката притвор да се замени со куќен притвор.
„Во текот на денешниот ден до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека. Само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
Македонија
Во недела посебен сообраќаен режим во Скопје

СВР Скопје известува дека 13.04.2025 (недела) со почеток во 10.00 часот, поради одржување на улична трка, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Трасата на движење ќе започне од бул.„Илинден“ пред фонтана Лотус (старт и цел) право долж бул.„Илинден“ до крстосница со бул.„8-ми Септември“ каде се врти полукружно назад по бул.„Илинден“ до целта фонтана Лотус, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Герасимовски: Преку едукативни и практични активности ја зголемуваме свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот

Денеска, на отвореното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“, се реализираше проектот „И ние децата сме учесници во сообраќајот“, организиран од Општина Центар. Проектот има за цел преку едукативни и практични активности да ја зголеми свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот.
Во настанот учествуваа вработени од општината, наставници по техничко и физичко образование, како и 24 ученици од 8 основни училишта на територија на општината. Учениците покажаа одлични вештини во возење велосипед на посебно подготвен полигон, поставен од наставниците по техничко образование.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцираше дека општината е посветена на создавање побезбедна средина за децата.
„Преку вакви проекти не само што учиме, туку исто така и градиме одговорни млади учесници во сообраќајот. Настанот беше одличен пример како преку едукација и игра може да се влијае врз свеста за сообраќајната култура кај најмладите”, рече Герасимовски.
Герасимовски ги награди најдобрите учесници со дипломи и вредносни ваучери од Мега спорт во висина од 12.000 денари за прво, 9.000 илјади денари второ и 6.000 денари за трето место. Прво место освои ученикот Димитар Арсиќ од ООУ „Гоце Делчев“, второ место Дамјан Чивчиристовски од ООУ „Киро Глигоров“ и трето место Томи Тодоровски од ООУ „Киро Глигоров“.
„Општина Центар и во иднина ќе продолжи со организирање вакви и слични настани со цел подобрување на безбедноста и едукацијата на младите во сообраќајот”, додаде Герасимовски.