Свет
Трамп по шокантната одлука: Сакаат да ме замолчат, никогаш нема да им дозволам да ми ја одземат слободата
Откога судот во Колорадо донесе историска одлука дека Доналд Трамп не може да се кандидира на претседателските избори во САД, тој ѝ се обрати на јавноста.
Медиумите потсетуваат дека поранешниот американски претседател беше обвинет за поттикнување немири во зградата на американскиот Капитол во обид да го поништи резултатот по поразот на американските избори во 2020 година поради што Врховниот суд во Колорадо пресуди дека тој не може да се кандидира на следните претседателски избори.
По оваа необична одлука, се огласи и самиот Трамп, кој на насобраните поддржувачи им порача дека ваквата судска одлука не е насочена против него, туку против американскиот народ, кој нема да молчи.
„Кога овие радикални демократи ќе се соберат и ќе донесат одлука против мене, многу им благодарам“, рече Трамп, проследен со аплауз.
Непријателот сака да ми ја земе слободата затоа што сака да вам да ви ја одземе слободата. Никогаш нема да им дозволам да го направат тоа. Сакаат да ме замолчат затоа што никогаш нема да дозволам да ме замолчат и на крајот тие не ме нападнаа мене, тие ве нападнаа вас, а јас само им стојам на патот и секогаш ќе им стојам на патот“, рече Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тешка несреќа во Аргентина: Најмалку 90 лица се повредени во судир на воз и локомотива
Најмалку 90 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, соопштија локалните власти.
Возот вчера се движел од Буенос Аирес кон северните предградија кога излетал од шините околу 10:30 часот на мост во населбата Палермо, соопштија безбедносните служби, пренесе „АП“. Во судирот оштетен е првиот вагон од патничкиот воз.
На местото на настанот им била укажана помош на десетици повредени, а 30 лица се префрлени во болници во умерена и тешка состојба, додека најмалку двајца биле пренесени со хеликоптер со повреди на градниот кош и скршеници на коските.
Иако сè уште не е познато зошто празниот вагон бил на пругата, аргентинскиот железнички синдикат соопшти дека од железницата е украден неколку метри бакарен кабел што се користи за пренос на електрична енергија по пругата, што го оневозможува сигналниот систем наменет да спречи такви несреќи. Обвинителите соопштија дека започнале истрага.
Официјални лица од аргентинската железничка управа Тренес Аргентинос соопштија дека сообраќајот на популарната железничка линија е прекинат. Лидерите на синдикатот кои жестоко се спротивставија на економското штедење на либералниот претседател Хавиер Милеи, ја обвинија владата за неуспехот да инвестира во јавната инфраструктура.
Судирот доведе до зголемена контрола на безбедноста на железницата во Аргентина, каде што во серија железнички несреќи од 2012 до 2014 година загинаа повеќе од 50, а беа повредени стотици луѓе.
Свет
Зеленски: Знаеме за планот на руските сили да ја пробијат одбраната на регионот Харков
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинското воено-политичко раководство има информации за обемот на руските сили и нивниот план да ја пробијат одбраната на регионот Харков, додавајќи дека украинските одбранбени сили им даваат отпор на руските војници.
„Главната цел е регионот Харков. Руските војници денеска се обидоа да ги прошират операциите против Украина“, рече Зеленски во видео порака и посочи дека вооружените сили на Украина се зајакнати во правец на Харков.
„И долж нашата државна граница и по целата линија на фронтот, ние секогаш ќе го уништуваме окупаторот за да ги спречиме сите руски офанзивни намери“, рече тој, пренесе Интерфакс Украина.
Зеленски изјави дека сега се прави се’ што е потребно за да се заштитат сите позиции, додавајќи дека во исто време е важно партнерите да го поддржат Киев со навремени набавки.
Свет
Израел ги повика Палестинците од централниот дел на Рафа да се евакуираат, повеќе од 150.000 луѓе веќе го напуштиле градот
Израелската армија утринава ги повика жителите на населбата во централниот дел на градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа да се евакуираат додека ја продолжува операцијата против Хамас во тој град.
Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Авичај Адрае на платформата „Икс“ објави список на нови зони во Рафа од кои треба да се евакуираат Палестинците.
Цивилите се повикани да се евакуираат во проширената хуманитарна зона во областите Ал-Маваси и Кан Јунис. Адрае ги предупреди Палестинците да не се движат кон израелската граница, објави „Тајмс оф Израел“.
Овој потег доаѓа откако израелскиот воен кабинет гласаше во четвртокот вечерта за одобрување „ограничено проширување“ на воената операција во Рафа.
ИДФ во понеделникот започна со евакуација на Палестинците од источната периферија на Рафа, пред израелските сили да влезат во областа.
Околу еден милион Палестинци, кои избегаа од конфликтот во другите делови на енклавата, најдоа засолниште во Рафа. Повеќе од 150.000 Палестинци веќе го напуштија градот, објави Гардијан.
Издадена е посебна наредба за евакуација за областа Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, каде на жителите им беше кажано да се евакуираат во засолништата западно од градот Газа, рече Адрае.