Свет
Во Кина жртвите од земјотресот изложени на ниски температури во шатори

Во земјотресот во кинеската провинција Гансу се урнаа речиси 15.000 дома, повеќе од 87.000 луѓе се раселени, а многу од нив ја поминаа ноќта во засолништа, каде што температурите паднаа под нулата, соопштија денеска властите на таа провинција.
На север, во провинцијата Ѓингај, спасувачите бараат 16 исчезнати лица од областа во која се поплавени две села, делумно со затрупани куќи, а 18 загинаа, пренесува АП.
Официјални лица од провинцијата Гансу објавија дека нивната потрага е завршена во вторникот и дека бројот на жртви е 113, а има 782 повредени, што заедно со повредените од Чингхаи претставуваат приближно 1.000 повредени лица.
Бројот на загинати е најголем во ваков настан во последните девет години.
Експертите го објаснуваат високиот број жртви со неколку фактори, меѓу кои и фактот дека земјотресот не се случил на голема длабочина, но и лошиот квалитет на градба во сиромашните региони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нетанјаху: Нашата визија е Голем Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се чувствува како да е на „историска и духовна мисија“ и е „многу“ поврзан со визијата за Голем Израел.
Новинарот Шерон Гал, кој кратко време беше десничарски член на Кнесетот, му подари на Нетанјаху она што тој го опиша како амајлија со „мапа на Ветената земја“.
Гал на шега додаде дека не сака дополнително да го „вмешува“ премиерот во случајот во кој Нетанјаху е обвинет за прифаќање накит и други луксузни предмети од неколку бизнисмени за себе и неговата сопруга, Сара.
На прашањето дали чувствува поврзаност со „визијата“ за Голем Израел, Нетанјаху одговори: „Многу“.
Терминот Голем Израел почнал да се користи по Шестдневната војна во јуни 1967 година за да се однесува на Израел и териториите што потоа ги освоил – Источен Ерусалим, Западниот Брег, Појасот Газа, Синајскиот Полуостров и Голанската Висорамнина.
Прашањето на Гал за Голем Израел дојде откако го праша Нетанјаху дали чувствува дека е на мисија во име на еврејскиот народ. Премиерот одговори дека е на „мисија на генерации – генерации Евреи кои сонувале да дојдат тука, а генерации Евреи ќе дојдат по нас“.
„Ако ме прашате дали имам чувство за мисија, историски и духовно, одговорот е да“, заклучи Нетанјаху.
фото: принтскрин
Свет
Британски „Тајмс“: Новиот план на Трамп – Украина ќе ги зачува своите граници, но територијата ќе биде окупирана од Русите?

Русија и САД разговарале за израелската окупација на Западниот Брег како можен модел за завршување на војната во Украина, дознава британскиот „Тајмс“.
Според ова сценарио, Русија би имала воена и економска контрола врз окупираните делови од Украина (Луганск, Донецк, Запорожје, Херсон, Крим) преку сопственото управно тело, имитирајќи го де факто владеење на Израел врз палестинската територија одземена од Јордан во 1967 година.
Извор близок до Советот за национална безбедност на САД тврди дека идејата првпат била покрената пред неколку недели за време на разговорите меѓу Стив Виткоф, мировниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, и руските претставници.
Русите моментално имаат целосна контрола врз Крим (откако беше анексиран во 2014 година) и регионот Луганск, додека во регионите Донецк, Запорожје и Херсон тие окупирале повеќе од 70 проценти од територијата на овие области.
Границите на Украина формално би останале исти
Виткоф, кој исто така има мандат да посредува на Блискиот Исток, наводно го поддржува предлогот, а американската страна верува дека ова би ја заобиколило одредбата во украинскиот устав што забранува предавање на територија без „се-украински“ референдум.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрла самата идеја за предавање на земјата, но поддржувачите на моделот на окупација веруваат дека тоа би можело да биде начин да се постигне прекин на огнот по три и пол години војна. Во овој случај, границите на Украина би останале исти, исто како што формалните граници на Западниот Брег не се променети 58 години, иако е под израелска контрола.
Извор близок до преговорите рече: „Ќе биде исто како Израел да го окупира Западниот Брег – со гувернер, со економија што е поврзана со Русија, а не со Украина. Но, тоа сепак ќе биде Украина, бидејќи Украина никогаш нема да се откаже од својот суверенитет. Но, всушност, тоа ќе биде окупирана територија, а моделот е Палестина“.
Меѓународни преседани и критики
Окупацијата на Западниот Брег е прогласена за нелегална од Меѓународниот суд на правдата, што САД не го признаваат, а Русија делумно го признава. Во март 2022 година, истиот суд ѝ наложи на Русија „веднаш да ги прекине воените операции“ во Украина, но одлуката не е спроведена бидејќи судот нема механизам за спроведување.
Во септември минатата година, ОН, со мнозинство гласови (124 наспроти 14), усвои резолуција со која се бара Израел да ги повлече своите трупи, да престане да гради нови населби, да ги евакуира доселениците и да отстрани делови од безбедносниот ѕид во окупираниот Западен Брег.
Израел и САД гласаа против, а Велика Британија се воздржа.
Американскиот став: Препознавање на „реалностите на терен“
Некои американски преговарачи веруваат дека таков исход за окупираните делови од Украина само ја одразува реалноста на војната и неподготвеноста на другите држави да се вклучат воено. Според нив, единственото нешто што останува да се направи е да се дефинираат границите на руската окупација – која Путин се обидува да ја прошири колку што е можно повеќе пред неговиот самит со Трамп во Алјаска.
Овој став е во согласност со изјавите на Себастијан Горка, виш директор на Трамп за борба против тероризмот, кој за Политико во мај изјави: „Ги препознаваме реалностите на терен. Наш приоритет пред сè – без разлика дали е на Блискиот Исток или во Украина – е да го запреме крвопролевањето. Сè друго доаѓа потоа“.
Паралели со Западниот Брег
Израелската армија го окупираше Западниот Брег во војната во 1967 година, ставајќи милиони Палестинци под израелска контрола. Иако Палестинската самоуправа управува со повеќето градови и села од 1990-тите, Израел ја задржува целосната контрола врз територијата, спроведува воени патроли и контролни пунктови, а на Палестинците им се потребни дозволи за патување во Газа или Источен Ерусалим.
Окупацијата е широко критикувана поради изградба на стотици нелегални населби и наметнување двоен правен систем – израелските цивили во областа подлежат на израелскиот закон и имаат право на глас, додека Палестинците подлежат на воениот закон и не им е дозволено да гласаат на израелските избори.
фото: принтскрин
Свет
Трамп по разговорот со европските лидери и со Зеленски: Русија ќе се соочи со последици ако не се движи кон мировен договор

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека денешниот разговор со европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски бил „многу добар“.
„Тој беше на линија. Претседателот Зеленски беше на линија. Би го оценил со совршена десетка – многу, многу пријателски“, рече тој.
Трамп најави можна заедничка средба со Путин и Зеленски
Тој потсети дека добро ги познава европските лидери бидејќи, како што тврди, за време на неговиот мандат во НАТО го зголемил придонесот на членовите од „2% неплатени на 5% платени, што значи трилиони долари во одбранбени капацитети“.
Трамп нагласи дека од самиот почеток планот бил прво да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа да разговара со претседателот Зеленски и другите лидери.
Тој, исто така, откри дека постои „многу добра шанса“ за втора средба, која, според него, би можела да биде попродуктивна од првата. „Првиот е да видиме каде сме и што правиме. Ако првиот помине добро, речиси веднаш ќе организираме втор состанок меѓу претседателот Путин, претседателот Зеленски и мене – ако сакаат да бидам таму. Можеби тогаш би можеле да се договориме за апсолутно решение, иако на првиот може да се постигне голем напредок. Првиот состанок е исклучително важен бидејќи ги поставува темелите за вториот“, рече Трамп.
Тој додаде дека можеби нема да има втор состанок „ако проценам дека не е соодветно да се одржи бидејќи не ги добивме одговорите што ни се потребни“.
На прашањето дали Русија ќе се соочи со последици ако не се движи кон мировен договор за Украина, Трамп одговори: „Да, ќе се соочи“.
На прашањето што би вклучувале тие мерки, тој рече: „Ќе има, не морам да кажам какви се, но ќе има многу сериозни последици“.