Економија
Просечната стапка на инфлација и натаму на релативно високо ниво, ризиците за идната динамика на цените и натаму постојат, велат од НБРМ
На 19 декември 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На оваа седница на Комитетот беше одлучено каматните стапки да останат непроменети, во услови на значително забавување на инфлацијата и поволен девизен пазар, но и при сѐ уште присутни ризици. Со тоа каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30 %, со истовремено задржување на каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20 и 4,25 %, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. На седницата беше оценето дека задржувањето на тековното ниво на каматните стапки, заедно со промените кај задолжителната резерва (последните со примена од декември 2023 година) и со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и задржување на стабилноста на девизниот курс.
Последната одлука за монетарната политика се темели на остварените движења и оцени за клучните показатели за монетарната политика. Домашната инфлација и натаму забавува и се сведе на 3,1 % на годишно ниво во ноември 2023 година. Овие остварувања го одразуваат значителното намалување на притисокот од прехранбената и енергетската ценовна компонента, како и намалените ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки. Притоа годишната стапка на инфлација кај нас позначително забави во споредба со еврозоната, со што разликата во инфлацијата е незначителна. Поумерени се и инфлациските очекувања на потрошувачите искажани во ноемвриските анкети на Европската комисија. Сепак, просечната стапка на инфлација и натаму е на релативно високо ниво во споредба со историскиот просек. Ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат за што покрај неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, придонесуваат и одредени домашни фактори. Оттука, потребна е натамошна претпазливост, вклучително и во однос на политиките што делуваат врз побарувачката на економијата.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во декември беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво при оцени за натамошно забавување на инфлацијата во наредната година и достигнување на среднорочната целна инфлација во 2025 година.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на ноември изнесува 3.963,7 милиони евра, што, според меѓународните стандарди и показателите што се следат, е соодветно ниво за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Од почетокот на годината девизните резерви бележат раст при поволни поместувања на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка. Остварувањата се резултат на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемениот нето-откуп од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор за октомври 2023 година, тие засега упатуваат на малку понизок трговски дефицит за последниот квартал од годината од очекувањата според октомвриската проекција, а поповолни се остварувањата и на менувачкиот пазар заклучно со ноември 2023 година.
Растот на економската активност е умерен и се движи во согласност со очекувањата, што, според последните проекции, упатуваат на забавен економски раст оваа година во услови на послаба странска побарувачка. Реалниот раст на БДП во третиот квартал од 2023 година изнесува 1,2 % на годишна основа (по растот од 1,1 % во претходниот квартал) и е во согласност со растот проектиран за овој квартал според октомврискиот циклус проекции. Анализирано по компоненти, растот произлегува од нето-извозот, надополнет со натамошниот раст на личната потрошувачка. Со оглед на ограничениот број расположливи податоци, сѐ уште е рано за поцелосни согледувања за економската активност за четвртото тримесечје од 2023 година. Засега податоците за октомври 2023 година покажуваат солидни позитивни движења кај индустриското производство, како и забавување на реалниот пад кај прометот во вкупната трговија.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци заклучно со ноември 2023 година, депозитите и кредитите и натаму растат со темпо, кое засега е во рамките на очекувањата за последниот квартал од годината.
Општо земено, најновите податоци за клучните макроекономски показатели се движат главно во согласност со очекувањата. Сепак, условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни и налагаат натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и на инфлациските очекувања. Оттука, потребна е натамошна претпазливост во водењето на монетарна политика, односно при водењето на макроекономските политики, кои влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со кои ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay за своите корисници
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay, со што корисниците на банката можат да ги користат своите дебитни и кредитни Mastercard картички преку уредите на Apple. Плаќањето може да се изведе со iPhone, Apple Watch, iPad или Mac, без носење физичка картичка и без внесување податоци при секоја трансакција.
Apple Pay функционира како дигитален паричник во кој се додава картичката од Халкбанк. При плаќање, уредот се доближува до POS терминал, а потврдата се изведува со Face ID, Touch ID или лозинка. На овој начин, податоците од картичката не се изложуваат во процесот, што ја прави употребата дополнително безбедна.
Услугата може да се користи и за онлајн купување. Корисниците ја избираат опцијата „Pay with Apple Pay“, со што го избегнуваат рачното внесување информации од картичката. Apple Pay е достапен и на банкомати кои поддржуваат бесконтактно подигнување готовина.
Активацијата се прави во апликацијата Apple Wallet, со скенирање или внесување на податоците од картичката, а може да се започне и преку мобилното банкарство на Халкбанк. Користењето на Apple Pay е бесплатно, лимитите на картичката остануваат исти, а сите трансакции се прикажуваат во Apple Wallet, како и во дигиталните канали на банката.
Во случај уредот да биде изгубен, податоците остануваат заштитени. Корисникот преку iCloud може да го заклучи или избрише уредот, со што се оневозможува користење на дигитализираните картички. Доколку при додавање на картичката се појави потреба од дополнителна проверка, тоа може да се реши преку мобилното или електронското банкарство или преку контакт центарот Хелп24.
Со ова Халкбанк ја продолжува својата пракса на навремено усвојување решенија што се веќе дел од современите финансиски стандарди. Банката останува насочена кон развој на дигитални можности кои го олеснуваат секојдневието и создаваат поконкурентно и поусогласено банкарско искуство, во чекор со глобалните трендови и потребите на корисниците.
(ПР)
Економија
Рударските комплекси „Бучим“ и „Боров Дол“ и официјално се присоединија
Од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш информираат дека заврши административната постапка за присоединување на рударско-геолошкиот комплекс „Боров Дол“ кон „Бучим“, со што двата рударски комплекса и официјално продолжуваат да функционираат како еден правен субјект.
Со ова, како што велат, се зацврстува единствениот оперативен и управувачки модел, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност и транспарентност во работењето на компанијата во целост.
Присоединувањето е оценето како стратешки чекор, што овозможува поефикасно планирање и управување со ресурсите, унапредени процеси и појасна корпоративна структура, подобрена усогласеност со меѓународните стандарди и ESG-принципите, зголемена транспарентност и стабилност во работењето, како и следење единствена долгорочна визија за развој на целиот комплекс.
Од компанијата нагласуваат дека присоединувањето не подразбира никаква промена во управувачката структура. Исто така, условите на воспоставените партнерства, договорните односи и обрвски со доставувачи, институции и други заинтересирани страни, остануваат непроменети.
Во изминатите денови беше спроведена стандардната административна постапка за техничкиот пренос на сите вработени во рамките на единственото правно лице. Од „Бучим“ истакнуваат дека преносот беше изведен континуирано, без какви било промени во работните места, правата или обврските на вработените. Статусот и сите бенефиции на вработените останаа непроменети. Техничкиот пренос не влијаеше врз работните процеси, ниту врз редовното извршување на обврските.
„Присоединувањето на ‘Боров Дол’ кон ‘Бучим’ ни овозможува да работиме како единствен систем во рамките на нашата групација, со зајакнати операции и повисок степен на координација. Ова претставува значаен чекор кон модернизација, континуирано подобрување и понатамошно унапредување на одржливото рударство во регионот“, изјави Ивица Карапетров, заменик-генерален директор на „Бучим“.
Со новата интегрирана структура рудникот „Бучим“ продолжува да гради стабилна, модерна и конкурентна компанија, подготвена за долгорочни предизвици и инвестициски планови.
Економија
Министерството за финасии: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5 отсто, рочноста 2 години
Граѓаните имаат можност да запишат граѓански обврзници од третата емисија во деловните банки во земјава уште два дена, односно денеска и утре, извести Министерството за финансии.
Граѓанските обврзници oд оваа емисија се со рок од 2 години и каматна стапка од 4,5% годишно. Износот на една граѓанска обврзница којашто граѓаните можат да ја запишат е 10.000 денари. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Датумот на достасување на обврзниците од оваа емисија е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.

