Македонија
Хелсиншки комитет за човекови права: Владата и ДИК сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас
Апелациониот суд Скопје со пресуда од 30.10.2023 година во целост ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје од 31.03.2023 година. Со оваа пресуда е утврдено дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата, известува Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:
– пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;
– пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;
– пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.
Дополнително, Владата и Државната изборна комисија се задолжени, во пристапен формат, да го објават во медиумите диспозитивот на пресудата со која се утврдува дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и активно учество во политичкиот живот, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Ваквата судска завршница следува откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје го отвори процесот за буџетот 2026: Граѓаните, организациите и бизнис заедницата поканети да дадат предлози
Град Скопје годинава го започна процесот на креирање на буџетот за 2026 година со, како што наведува, целосна транспарентност, отчетност и широка вклученост на јавноста. Од градската администрација истакнуваат дека имаат јасна определба да ја вратат довербата во институциите, па буџетот ќе се изработува преку отворен и партнерски пристап во кој секој граѓанин, организација или заедница може да даде свој придонес.
„Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија изградена врз реалните потреби и визијата за развој на градот“, наведуваат од Градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изјава порачува дека процесот за првпат се отвора кон граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата, со цел активно да се вклучат во планирањето.
„Транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. Оваа година го отвораме планирањето на буџетот за 2026 заедно со вас. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веќе биле собрани голем број конструктивни предлози од граѓаните, но процесот останува отворен и сите се повикани да учествуваат.
Во новиот буџет ќе бидат опфатени приоритетни капитални проекти во инфраструктурата, културата, спортот и животната средина, со цел да се подобри квалитетот на живеење во Скопје.
Сите идеи и предлози граѓаните можат да ги испратат на: [email protected]. Во пораката Ѓорѓиевски додава: „Скопје ќе биде повторно горд град“.
Македонија
Mузичари од БиХ настапувале во локал во Кичево без работна дозвола, поднесена прекршочна пријава
При засилена акциска контрола спроведена на 29 и 30 ноември од полицијата во Кичево и Регионалниот центар за гранични работи Запад, во координација со Пазарниот и Трудовиот инспекторат, во угостителски објекти во Кичево биле затекнати музичари од Босна и Херцеговина кои работеле без соодветна дозвола, соопшти МВР.
Во угостителски објект на магистралниот пат Кичево–Охрид биле затекнати пејачката Џ.Р. (23) и членовите на бендот К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите од Босна и Херцеговина. Тие настапувале без претходно обезбедена работна дозвола, соопшти МВР.
Против нив е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.
Македонија
Герасимовски со УНИЦЕФ: Заедно во превенција на вандализам и воведување општокорисна работа за малолетници
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со тимот на УНИЦЕФ предводен од Лесли Милер, претставничка на организацијата во државата.
На состанокот се дискутираше на тема општокорисна работа и превенција на вандализмот кај малолетните лица.
Беа разгледани насоки за склучување меморандум за меѓународна соработка и отпочнување пилот-проект во општинските училишта, со вклучување на учениците, наставниците и родителите, со цел да се изнајдат решенија и спроведат координирани активности за превенција на девијантни појави кај малолетниците.
Експертите на УНИЦЕФ споделија искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница.
Се разговараше и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво.
Општина Центар прва ја покрена иницијативата, која потоа ја поддржа и ЗЕЛС, за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како воспитна мерка за малолетни сторители на вандализам.
„Вандализмот е сериозен проблем што бара итна и координирана реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со одговорност, заедно со нивните родители“, порача градоначалникот Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане системска мерка која ќе придонесе за превенција и ресоцијализација.
Дополнително, побарани се измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции, со кои би се вовела и одговорност на родителите преку заедничко учество во општокорисната работа.

