Македонија
Ковачевски: Над 2 милијарди евра кај граѓаните, грижата за сите е темел на нашите политики

Грижата за сите е темелот на нашите мерки и политики со кои создаваме еднакви можности и подобри услови на секој човек, порача претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на трибината „Повеќе за сите“, во Битола.
Во своето обраќање пред граѓаните на Битола, Ковачевски посочи дека над 2 милијарди евра во изминатите 3 години се насочија кон граѓаните и компаниите, со цел да се заштити животниот стандард, се одржи ликвидноста на компаниите и економијата во целост.
„Тоа е повеќе за сите! Историски не се случило толку голема финансиска поддршка од државата, толку пари да се вратат назад кај граѓаните, кај стопанството. Горд сум на тоа што го постигнавме и знам дека сите во оваа сала, сите македонски социјалдемократи се горди на тоа. Само со последниот, 9-ти пакет антикризни мерки, 662 милиони евра насочуваме кон граѓаните“, рече Ковачевски на трибината.
При тоа, претседателот на СДСМ Ковачевски, посочи дека со мерките и политиките на СДСМ никој не е оставен сам. Континуирано се работи на зголемување на ученичкиот и студентскиот стандард, за основците, средношколците, студентите од ранливи семејства, се грижиме за нив и за нивната социјална сигурност, како и за пензионерите, граѓаните од ранливите категории. Паралелно, како што рече Ковачевски, компаниите имаат силна поддршка и директни придобивки изминативе години откако СДСМ ја предводи Владата.
„Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, од неговото воведување до денес поддржавме се 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. СДСМ обезбедува повеќе за сите! Со СДСМ има повеќе за сите но има и за државата. Во 2016 година странските директни инвестиции изнесуваа 338 милиони евра. Во 2022, година после пандемија со КОВИД-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година! Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра“, рече Ковачевски.
Повеќе за сите е целата наша посветеност на граѓаните, нашата социјалдемократска вредност, нашата цел, огледало на нашата грижа за сите граѓани, за државата, порача претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на трибината „Повеќе за сите“, во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Надлежните се борат со 11 активни пожари: Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Штип

Според најновите информации, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор. Од нив, 11 се сѐ уште активни, 3 се под контрола, додека 11 се целосно изгаснати.
Активни пожари се регистрирани во неколку региони. Во источниот дел, пожарите зафатија подрачја кај селото Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде што гори нискостеблеста шума и грмушки. Во Прилеп гори на две локации – кај селото Бешиште, со проширување кон Градешница и кон границата со Грција, како и кон селото Дрен. Во Македонски Брод активни се два пожари – кај селото Црешнево и меѓу селата Локвица и Крапа.
Штипскиот регион се соочува со пожар меѓу селата Драгоево и Селце, а во Карбинци гори кај селото Јунузлија. Во близина на Скопје, пожар е активен кај селото Гумалево во општина Зелениково. Во северниот дел на државата, активни пожари се бележат и кај селото Руѓинце во Старо Нагоричане, како и во Куманово – во населбата Ристово Трло и кај селото Романовце.
Три пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожарите кај селото Грешница во Македонски Брод, меѓу селата Церово и Групчин во општина Желино и на улицата Брсјачка Буна во Шуто Оризари, каде што гореше дива депонија.
Изгаснати се 11 пожари во различни делови на државата, меѓу кои во Шуто Оризари кај Општината, кај касарната во Прилеп, во селата Долно Перово и Прељубје во Ресен, како и во неколку населени места во Кочани, Куманово, Липково и Гостивар.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со активности за справување со активните пожари и заштита на населението и природата.
Македонија
(Видео) Тошковски: Вложуваме во нашите луѓе – во нивната обука, џудо тренинг сесии со врвен тренер

Министерот за внатрешни работи Пначе Тошковски денеска во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на џудо тренинг сесија на полициските специјалци со инструктор од Интернационалната џудо федерација специјализиран за обука на полициски и армиски специјални единици. Оваа соработка произлегува од неодамна Меморандум за соработка помеѓу министерствата за внатрешни работи и министерството за спорт и Меморандумот за разбирање помеѓу Националната џудо федерација и Европската џудо федерација кој беше потпишан на Европското првенство во џудо за кадети кое се одржа во Скопје минатиот месец.
„Вложуваме во нашите луѓе – во нивната обука, знаење и подготвеност. Градиме силна, професионална и подготвена полиција, способна да одговори на современите безбедносни предизвици и ефикасно да се справува со криминалот. Затоа, особено внимание посветуваме на континуираната физичка подготвеност посебно на специјалните единици. Овие тренинг сесии со врвен џудо тренер се со директен ангажман на претседателот на европска џудо федерација Ласло Тот. Неодамна преку министерството за спорт и европската џудо федерација ја опремивме салата со специјализираните душеци – татами и кимона за полициските службеници. Планираме и за во иднина сеопфатни програми за физичка обука на полициските службеници“, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
(Видео) Грета Тунберг по Тетово стигна во Скопје, ќе дискутира за империјализмот и ќе протестира за спас на Дошница

Еко-активистката Грета Тунберг преку видео-обраќање на Инстаграм соопшти дека се наоѓа во Скопје и дека ќе учествува на неколку настани поврзани со социјални и еколошки прашања во Македонија.
Таа најави присуство на јавната дискусија што ќе се одржи во Социјалниот центар „Дуња“ под наслов „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“.
Во обраќањето, Тунберг додаде и дека ќе се приклучи на протестната блокада за спас на реката Дошница на планината Кожуф, која е најавена за утре.
View this post on Instagram
Таа истакна дека настаните во Газа не се изолирани од климатската криза, а според неа, тоа е истиот насилен систем изграден врз експлоатација, окупација и профит над животот.
Активистката ја спомена и одлуката на македонскиот парламент, кој вчера гласаше против испраќање хуманитарна помош во Газа, додавајќи: „Мора да застенеме солидарно, да се поврземе и да се спротивставиме заедно“.
Грета вчера беше во Тетово, каде што ја посети новата локација на Општествено-културниот центар, која се уредува со заеднички волонтерски ангажман и поддршка од меѓународни партнери. Пред да пристигне во Македонија, Тунберг учествуваше на протест во Тирана, каде што повика на итен прекин на израелската опсада врз Газа и остро ја осуди.