Скопје
ЛДП: Почнуваме граѓанска иницијатива за отповикување градоначалници
Иницијатива за измени на Законот за локална самоуправа и собирање на потписи за референдум за отповикување на градоначалници, најавува Либерално-демократската партија под водство на претседателката, Моника Зајкова и ново основаната градска организација при ЛДП во Скопје, предводена од Филип Јакимовски.
-Она што се случува во главниот град Скопје е јасен знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците. Граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти, велат од ЛДП.
Од партијата посочуваат дека оваа Иницијатива е со цел да се одговори на потребите на граѓаните и да се подобри животот во главниот град.
– Со длабоко разочарување и загриженост ја гледам сегашната состојба во нашиот главен град. Паметам поубаво Скопје, град на светлина, култура и зеленило, а не град кој сега е завиен во темнина и се гуши во смет. Се чини дека сегашните локални власти се оддалечиле од основните потреби и желби на своите граѓани. Некогаш, Законот за локална самоуправа од 1996 година оставал законска можност за граѓаните активно да учествуваат во одлуките кои ги засегаат нивните животи, вклучително и механизмот за отповикување на градоначалниците. За жал оваа круцијална одредба во Законот за локалната самоуправа од 2002 година беше избришана и од тогаш па до денес, граѓаните се лишени од законска можност да покренат постапка за отповикување на градоначалници, вели претседателката Зајкова.

Таа додаде дека се наоѓаме во ситуација во која градоначалниците буквално можат да ги поминуваат своите мандати без реална одговорност и отчетност за нивното (не)сработеното, а од тоа страдаат општините и граѓаните.
-На европско тло досега се спроведени неколку постапки за отповикување на градоначалници, како примерот со Хана Гронкиевич Валц градоначалничка на Варшава, потоа се одржал локален референдум за отповикување на градоначалникот на Кишенев, а во 2015 година по предлог на тогашниот британски премиер Девид Камерон во парламентот се усвоил механизмот за отповикување во Обединетото Кралство. Воедно Петер Фелдман, контроверзниот градоначалник на германскиот финансиски центар – Франкфурт, преку граѓански референдум бил сменет од функцијата, појаснува таа.
Претседателот на Градската организација на ЛДП во Скопје, Филип Јакимовски потенцираше за потребата од итна промена на градочалничката, кој повика Скопје да се врати на скопјани.
-Формирањето на нашата градска организација е од клучно значење за нашата мисија. Се обврзуваме на активно учество во процесот на мапирање на проблемите во Скопје и на наоѓање на решенија. Нашата цел е да создадеме посилна, поспособна и проактивна локална самоуправа која ќе ги негува вредностите во градот, додаде тој.
ЛДП повикува сите заинтересирани граѓани да се приклучат кон оваа иницијатива, „заедно да работиме на создавање на отворен и одговорен систем на локално самоуправување во Скопје и во целата земја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левицата: Лицата со аутизам и Даунов синдром ќе добијат бесплатен паркинг во Скопје
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе амандмани за измена на Програмата за повластен паркинг за лицата со попреченост.
Оваа Програма опфаќа одредени категории на лица со попреченост, но лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром не беа опфатени, велат од партијата Левица.
„Четири години од оваа говорница се бориме за измена на оваа Програма.Секогаш се наоѓаше некаков изговор да не се направи тоа.На лицата со попреченост им е доста од изговори.Родителите на деца со аутизам и Даунов синдром и онака имаат големи финансиски издатоци за лекување на нивните деца кои Фондот за здравство не ги рефундира, плаќаат приватно дефектолози и сл.така да плаќањето на паркинг простор им е дополнителен товар, бидејќи некои од нив оваа услуга ја користат секојдневно” – истакна во своето излагање Катерина Јовановска- координаторот на советничката група на Левица.
„Иако првично од страна на Градот амандманите не беа прифатени, по аргументираното излагање на Јовановска Советот едногласно изгласа Заклучок – Програмата да биде изменета и лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром да добијат повластен паркинг.
Истово ќе важи и за лицата со попреченост кои што не живеат во Скопје, а доаѓаат во главниот град за лекување“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на улиците: Урош Џудовоќ, Осло, Будимпештанска, Лубица Георгиева (Општина Карпош)
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижностите: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес, во Општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи со олеснет пристап на Општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина што силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижностите имаме заедничка цел – да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите, Иван Живковски, ја гледам како значаен чекор напред бидејќи интегрирањето на системите и размената на информациите ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и на урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде што граѓаните ќе може брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.

