Култура
Од отворањето на изложбата „110 години од раѓањето“ на уметникот Лена Стефанова
Вчерашното отворање на изложбата посветена на одбележување на 110 години од раѓањето на првата македонска сликарка Лена Стефанова претставува интегрален дел од богатата програма на Националната галерија во рамките на одбележувањето на јубилејот 75 години постоење.
Членовите на семејството, како и многубројната публика, имаа несекојдневна можност да застанат пред уметничката компилација, збирка поставена на едно место, во толкав обем, во прекрасниот амбиент на Чифте амам. Богатата поставка ги опфаќа трите сликарски техники во кои работела уметницата: масло на платно, цртежи и акварел.

На отворањето за животот и делото на Лена Стефанова говореа директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова-Ќерими, историчарката Викторија Васева-Димеска и кураторката Татјана Бундалевска.
Старова Ќерими истакна:
„Во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници, кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.
Се школувала во престижното француско училиште (Ecole Franco-Serbe) во Скопје и го завршува во учебната 1930 година. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924 – 1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства.
Еднакво спонтан е и нејзиниот пристап кон педагошката работа. Во периодот од 1945 до 1976 година работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.
Нејзината вродена дарба, раната определба за сликарството, неверојатната упорност и доследност во творештвото, пред сè, љубовта кон уметноста, свртена кон светот на своето приспособено ателје, кон радоста на творењето, придонесоа да се оформи како творец и да стане прва македонска сликарка, целосно посветена на сликарството како нејзина главна животна определба“.

Викторија Васева -имеска пред публиката сподели инспиративен наратив:
„Колку што претставува чест и задоволство, толку е и долг, но и радост, да се зборува за еден подзаборавен живот на делото на Лена Стефанова, за разлеаните, топли и опојни миризби на душата на акварелот. Предадена на тајните на природата и на енигмите на творечкиот чин, на тој волшебен процес на паметењето на окото, исечоците од светот што ја опкружува ги претвора во лирски обоена слика, доживувањата во материја, чувствата во визуелен податок.
Не ја интересираше светот на разулавената Европа бидејќи не ѝ припаѓаше на таа звучна и опојна атмосфера на мјузиклите, на борделите, на големите булевари… таа го сликаше она што го гледа, што го чувствува, што го сака – слики од нејзиното непосредно опкружување: топлите бои на есента, лелеавите пејзажи, селските амбиенти, скромните градски визури, историските, митските личности од нејзината почва, миризбата на цвеќето, овошјата, мртвата природа… што се шират во патријархалниот амбиент, нешто свое, автохтоно и специфично.
Зад тој едноставен исечок од животот, од ентериерот, од природата, од амбиентот, обичен и секојдневен, без патос и патетика, се крие нејзината сложена и страсна природа. Како да има подигнато некој непробивен ѕид меѓу минатото и сегашноста, меѓу болката, страдањата, маката… и новиот ден, со силна волја и некоја интуитивна дисциплина за да ја помести својата интима од разулавениот свет, да ги помири во својата средена и хармонична личност тие два света на Ерос и Танатос, да го проткае своето дело со тивкото струење на животот. Носталгично ги осветли вистинските извори на своето битие, сопствената проекција на рајот во тој патријархален и чист народен живот, кој меланхолично го посматра додека води имагинарен осаменички разговор со тишината, со заштитничката топлина на ентериерот и питомиот молк на пејзажот.
Нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без подеми и падови, без резигнираност, без драстично видливи белези од нејзиниот слоевит и трауматичен живот. Достоинствено ги носеше своите мачни спомени, без патетика и наративност, му се посвети на разубавениот свет на сликата зад кој во длабочините на пејзажите, пределите, мртвите природи и портретите постојано тлееја некоја носталгија и достоинствена тага, некоја меланхолија на осаменоста, некоја копрена под која тивко се слушаше елегичната мелодија на нејзината животна приказна“.
Изложбата ќе биде поставена до крајот на февруари 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Oдржана манифестацијата „Миладиновско слово“ во Струга
Во НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, денес се одржа традиционалната манифестација „Миладиновско слово“, организирана од Фондацијата „Браќа Миладиновци“. Настанот годинава беше посветен на јубилејните 215 години од раѓањето на Димитрија Миладинов и 195 години од раѓањето на Константин Миладинов.
Свечената програма започна со поетско-музички рецитал за делото на Димитар Миладинов, кој беше изведен од Христијан Миладинов. По него следуваа рецитали на повеќе песни од Константин Миладинов, интерпретирани од млади рецитатори и учесници на конкурсот.
Манифестацијата официјално ја отвори претседателот на Фондацијата „Браќа Миладиновци“, Ристе Миладинов, кој во својот говор истакна дека зачувувањето на делото на Миладиновци претставува силен столб на македонската книжевна и културна традиција.
Главната награда „Миладиновско слово“ годинава ѝ беше доделена на хрватскиот поет Дамир Марас, за неговиот поетски придонес и учество со творба инспирирана од Миладиновото наследство.
Признанието за ,,Македонски автор на годината” му припадна на Мирко Томоски, додека наградата „Млад автор на годината“ ја доби Мила Бојческа, која настапи и со свое авторско читање.
Во рамките на чествувањето беше промовирана и новата збирка песни создадена по повод распишаниот конкурс, со посвета на Миладиновци и нивното непрекинато влијание врз македонската и словенската книжевност.
Настанот заврши со поетско дружење и оддавање почит кон богатото културно наследство што го оставија браќата Димитрија и Константин Миладинов.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
Култура
„Лет над кукавичкото гнездо“ не може да се замисли без Николсон, но улогата не била наменета за него
Иако од денешна перспектива изгледа речиси невозможно некој да одбил улога во славниот филм „Лет над кукавичкото гнездо“, тоа сепак се случило.
Адаптацијата на Милош Форман денес со право се смета за еден од најдобрите филмови некогаш снимен, а тој филм едноставно е незамислив без Џек Николсон во улогата на Рендал Мекмерфи.
„Лет над кукавичкото гнездо“ стана дури вториот филм во историјата на Оскарот што ја освои „големата петорка“ — наградите за најдобар филм, најдобар режисер, најдобар актер, најдобра актерка и најдобро адаптирано сценарио.
Џек Николсон и неговата незаменлива улога
Џек Николсон беше во извонредна форма како Рендл Мекмерфи, во улога која без проблем се вбројува меѓу најдобрите во американската кинематографија. Рамо до рамо со него беше и Луиз Флечер како сестра Рaчед. Нивната динамика била оформена со таен пристап кон ликовите, за кој знаеле само нив двајцата за време на снимањето.
Кирк Даглас копнеел по улогата
Мнозинството што го гледале филмот знаат дека Кирк Даглас копнеел по главната улога, затоа што претходно ја играл на Бродвеј, но во семејството настанал раздор кога неговиот син Мајкл Даглас го исклучил од конкуренција, бидејќи веќе бил престар за таа улога. Мајкл Даглас освои Оскар како продуцент на филмот, но требало време нивниот однос да се опорави, пишува „Фар аут магазин“.
Ѕвездата на „Спартак“ сакал да ја предводи актерската екипа, но улогата не му била понудена, а неколку други актери биле повикани да ги толкуваат Мекмерфи и сестра Рачед. Тие ја одбиле можноста — веројатно подоцна горко жалејќи, бидејќи Николсон и Флечер ги освоија своите награди.
Актерите кои ги одбиле улогите на Мекмерфи и сестра Рачед
„Знаете, Џин Хекман ја одби улогата“, изјавил помладиот Даглас за „Ентертејмент викли“.
„Мерлон Брандо ја одби. Милош некое време имаше луда идеја за Берт Рејнолдс.
Џејмс Кан исто така бил меѓу актерите кои ја одбиле улогата на Мекмерфи, отворајќи му го патот на Николсон да ја испорача улогата која му го донесе првиот од неговите три Оскари.
Тешката потрага по совршена сестра Рачед
Пронаоѓањето на совршената актерка за улогата на сестра Рачед исто така не било лесна задача, особено поради околностите кои ја следеле конечната одлука за Луиз Флечер.
„Секоја глумица, секоја позната глумица ја одби таа улога, затоа што во 1973/74, во време на Движењето за ослободување на жените, не беше ‘кул’ да се игра негативец. Не беше ‘кул’ да се игра кучка“, објаснил Даглас.
„Така и Џералдин Пејџ и Ен Бенкрофт, вкупно пет глумици, ја одбија улогата. Луиз Флечер имаше мала улога во Алтмановиот ‘Thieves Like Us’ и сними пробна сцена за нас. Беше совршена, но имаше тивок глас. Знаете, тивок глас, но оние челични сини очи за кои пишува Кен Кизи во книгата. Беше прекрасна жена и се појави од никаде.“
Лили Томлин првично била избрана за сестра Рачед, додека Флечер се подготвувала повторно да работи со Алтман на филмот „Nashville“. На крајот тие две ги замениле местата.
Може да се каже дека сè испаднало токму како што требало.

