Култура
Костадиновска-Стојчевска од Делчево: Вложивме 9,6 милиони денари во Спомен домот АСНОМ, нова сала после 40 години
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во беше во работна посета на Делчево, каде заедно со градоначалникот Горан Трајковски направија увид во активностите на новата сала во Спомен домот на АСНОМ, проект финанскиски поддржан од Програмата на Министерството за култура за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа, за 2023 година.
– Проектот е прва инвестиција во овој објект после 40 години, за што Министерството за култура вложи над 9,6 милиони денари. Ова е уште една потврда за приоритетите на Владата и на Министерството за култура за грижата за културата и за поттикнување на локалниот културен развој, истакна Костадиновска –Стојчевска.
Така ќе продолжиме и следната година, додаде таа, повикувајќи ги и останатите локални самоуправи да аплицираат со проекти, по примерот на општина Делчево.
Со реализацијата на проектот, според министерката за култура, се овозможува непречено одвивање на културните активности во локалната самоуправа, но и како што рече, за привлекување на младите да ја продолжат традицијата и негувањето на културните обележја на Пијанечкиот крај.
Костадиновска –Стојчевска информираше дека Министерството за култура финансиски поддржува уште многу настани и манифестации од сите дејности од областа на културата во Делчево. Таа изрази уверување дека, како што рече, таа и Министерството за култура се отворени за понатамошна соработка и за поддршка на проекти кои ќе ја подигнат свеста за културата и кои ќе придонесат за унапредување, промоција и афирмација на нашето богато и уникатно културно наследство.
Градоначалникот Трајковски изрази огромна благодарност до министерката Костадиновска- Стојчевска и Министерството за култура за тоа, како што рече, ја препознаа потребата за граѓаните на Делчево и што овозможија со значителни средства да ја поддржат оваа инвестиција која ќе го врати сјајот на култното место за културата на Делчево-салата во спомен-домот АСНОМ.
-За Делчево реализацијата на проектот поддржан од Министерството за култура преку капиталните дотации, е по многу нешта значаен, бидејќи салата која беше култно место за културата во Делчево, не беше реконструирана уште од нејзиното отворање во 80-тите години на минатиот век и се соочувавме со сериозни проблеми при организирањето на секој настан, а поради лошата состојба во која се наоѓаше салата, многу настани веќе не ги ни одржувавме во оваа сала, рече градоначалникот Трајковски.
Во рамки на работната посета министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, на покана на ЗФГ „Копачка“ го проследи дефилето и настанот по повод одбележување на јубилејот 75 години постоење на Здружението и 20 години од донесувањето на Конвенцијата за заштита на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.