Култура
„НарАРТива 2023“ – изложба на слики и скулптури со книжевни мотиви и одредници во Гевгелија
Во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, на 25 декември, во 19 часот, во Галеријата „Амам“ во Гевгелија, ќе биде отворена изложбата „НарАРТива 2023“ со слики и скулптури од современите македонски уметници: Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Владимир Илиевски, Ване Костуранов, Марија Трајаноска, Мирјана Крстева-Масетти, Миле Ничевски, Тони Попов, Александар Јанев, Дамјан Ѓуров, Елена Ѓурова, Иван Кал’чев и Анамарија Митриќеска-Калчева.
Од самите прапочетоци на литературата и визуелните уметности може да се зборува и за нивни интермедијални релации, кои по својата природа отсекогаш биле двонасочни. Не само што низ целокупната историја литературните дела вдахновиле и биле втемелувачки жар во процесот на создавање голем број ликовни дела или скулптури, туку и многубројни книжевни дела имаат екфрастичко-експресивен предзнак, а обете уметности комплементарно се надоврзувале во сеопштата еволуција на уметноста, поединечни правци или струи.
Изложбата „НарАРТива 2023“ во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, се соочува со целта да ја долови едната од овие две насоки поаѓајќи од позицијата на естетски и поетички разноликото творештво на современите македонски визуелни уметници – од дела што своја подлога ја наоѓаат во поедичени наративни или ситуациски нишки од делата или личностите/ликовите на Е. А. По, Егзипери, Венедикт Ерофеев или В. Шимборска, преку дела инспирирани од ликот или творештвото на Чернодрински, Рацин и Шопов, до дела што посуптилно или поиндиректно одразуваат некакви наративни обрасци и форми.
Изложбата ќе ја отвори директорот на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, Стефан Марковски.
По повод изложбата, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија објави и каталог со застапените дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.