Македонија
Мизрахи: Испратив допис до претседателот на Собранието да ги достават сите материјали од анкетната комисија за Онкокогија до ЈО
„На 19.12.2023 година Основното јавно обвинителство испратило допис со барање за достава на материјалите од работата на анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија од Собранието“, пишува пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, на социјалните мрежи.
„Бидејќи мандатот на анкетната комисија е истечен, како поранешен претседател и поранешен нејзин член, испратив допис до претседателот и до генералниот секретар на Собранието укажувајќи дека е потребно да постапат по барањето на ОЈО во рокот предвиден со тоа.
Работата на анкетната комисија беше апсолутно и целосно транспарентна за јавноста и со тоа ја постигна целта да се прикаже вистината таква каква што е. Сѐ понатаму е во рацете на Обвинителството“, се вели во објавата на пратеничката на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

