Македонија
Ковачевски во Неготино: Владата секогаш ќе биде поткрепа и поддршка на најранливите категории граѓани
„Обезбедувањето пристап до социјалните станови е камен-темелник на нашата посветеност. Владата која ја предводам изминативе години, со доделувањето на социјални станови на ранливите категории граѓани, создаде услови, секој без разлика на околностите, да има сигурност и достоинствено место за живеење, да има свој дом“, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска на доделувањето на социјални станови за 45 семејства од Неготино.
„Градењето социјални станови ја одразува нашата посветеност на поттикнување на инклузивни заедници и обезбедување стабилност за ранливите категории граѓани. Неизвесноста која ја носат промените предизвикани од случувањата во светот, кризите, како Влада не дозволивме да бидат терет за нашите граѓани. Реалноста е дека економската криза доведе до огромна социјална несигурност насекаде во светот. Свесен бев од почетокот на кризата, дека за Владата што ја предводам, еден од приоритетите треба да биде грижата за најранливите категории на граѓани. Наша цел како Влада е секогаш да бидеме поддршка и поткрепа на немоќните лица, самохраните родители, граѓаните кои се со привремени вработувања, социјално ранливите. Пред неколку недели го донесовме деветтиот пакет антикризни мерки, кој е во вредност од 662 милиони евра и содржи 26 мерки за поддршка за ранливите категории на граѓани, за пензионерите, студентите, за компании, како и поддршка во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза“, изјави претседателот на Владата, Ковачевски.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека фокусот на Владата е на социјално станбената политика и во иднина ќе продолжи проектот за изградба на нови згради и во други општини како одговор на барањата од граѓаните.
„Целиот овој период вложивме огромни напори да им помогнеме на општините, на граѓаните, посебно на оние ранливи семејства кои својата надеж за подобар живот ја гледаат во проектите како овој – изградба на социјални станови. Обезбедување на подобри и подостоинствени услови за живот се прашања за кои не постојат дилеми. И знам колку со нетрпение го чекавте овој голем ден за сите вас. Секој еден граѓанин заслужува дом, заслужува подобри услови за живеење, особено сега во овие времиња полни со предизвици”, рече Бочварски.
„Становите во Неготино се еднособни и двособни со површина од 35 до 45 м2″, истакна директорот на АД за изградба и стопанисување со станбени и деловни објекти од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев.
„Заедно, во соработка со Владата и со Министерството за транспорт и врски остануваме доследни на нашата цел да обезбедиме дом на оние на кои им е неопходна помош. Целта е заедничка – поквалитетни, достоинствени услови за живееење и подобра иднина за сите, што е доволен мотив наскоро повторно заеднички да присуствуваме на ваков чин во друг град”, рече Ѓоргијев.
Изминативе години изградени се или во фаза на изградба се над 860 социјални станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија, Неготино. Социјални станови ќе добијат и ранливи категории граѓани во Велес, Бутел, Дебар и Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.

