Македонија
Бочварски во посета на Пробиштип и Лозово: Силна поддршка за општините за да може да се развиваат, граѓаните ни се во фокусот
Обезбедување подобри услови за живеење, урбаниот развој и градењето квалитетна патна мрежа се нашите приоритети на кои активно работиме насекаде во општините. Владата останува најголемиот поддржувач и инвеститор во општините реализирајќи голем број инфраструктурни проекти со кои го подобруваме животот на нашите граѓани, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната посета на општина Пробиштип.
Тој заедно со градоначалникот Анастасов изврши увид во градежните активности на улицата Христијан Тодоровски-Карпош, која се реконструира со средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски во рамките на проектот за поврзување со локални улици и патишта.
„За реконстуркција на локалната патна мрежа во Пробиштип, преку Министерството за транспорт и врски инвестираме над 800 илјади евра, многу значајни средства за локалната самоуправа. Извршивме увид во реконструкција на улицата Христијан Тодоровски-Карпош, инвестиција вредна речиси 10 милиони денари, каде што во овој момент се работи на поставување потпорни ѕидови во должина од 140 метри. По завршување на изградбата на потпорните ѕидови, ќе се пристапи кон проширување на улицата и изградба на нови тротоари, со што улицата ќе добие нов лик, а на граѓаните ќе им овозможиме зголемена безбедност при движење во овој дел од градот. Минатата недела во Владата со градоначалникот Анастасов го потпишавме и договорот за реконструкција на улицата Тодор Александров, каде што повторно централната власт се јавува како поддржувач со средства во висина од речиси 17 милиони денари. Сите овие инвестиции и проекти ги работиме за нашите граѓани, за подигнување на квалитетот на живот, за развој на локалните средини“, изјави министерот Бочварски.
„Пробиштип се развива, имаме силна поддршка од централната власт, на регионално и локално ниво. Работиме активно, како што гледате, дури и на 25 декември, реконструкцијата се одвива со добра динамика. Сакам да најавам дека в година ќе започнеме и со реконструкција на улицата Тодор Александров, уште една многу значајна улица за граѓаните“, истакна градоначалникот Анастасов.
Министерот Бочварски исто така ја посети и општина Лозово, каде што изврши увид и во градежните активности на реконструкција на главната улица во населеното место Аџиматово, проект исто така што се реализира преку Министерството за транспорт и врски.
Во рамките на посетата на Аџиматово оставри средби и со локалното население. Во општина Лозово преку проектот за поврзување со локални улици и патишта се инвестирани над 580 илјади евра, а до сега се реконструираа вкупно 23 локални улици и патишта во општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

