Македонија
ЛДП: На претстојните избори ќе настапиме како дел од коалиција што ќе ја однесе Македонија во Европа
Во согласност со стратешките определби на државата и потребите на граѓаните, одлучивме на следните избори Либерално-демократската партија да настапи како дел од коалиција што ќе се залага за брза интеграција на Македонија во Европската Унија.
„За Македонија не постои друг пат, освен приклучување кон европското семејство. За доброто на државата и на граѓаните одлучивме да се приклучиме на коалицијата со која имаме исти определби во однос на евроинтеграциите“, истакнаа од Централниот одбор на ЛДП.
ЦО ја овласти претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, да ги води преговорите за идно коалирање.
„Континуирано дејствуваме во насока на брза интеграција на Македонија во ЕУ. Секојдневно ја потврдуваме нашата заложба во тој правец, па и оваа одлука – за приклучување кон коалиција со која имаме слични програмски определби и единствена цел брза европска интеграција – е донесена врз основа на идеалите што ги негуваме. Нашата мисија е исклучиво во правец на работење за доброто на граѓаните и токму поради тоа ја очекуваме нивната поддршка на претстојните избори“, изјави Зајкова.
ЛДП, следејќи ги демократските вредности и потребите на државата, ќе даде поддршка за формирање техничка влада, која ќе ја гласаат и во која ќе учествуваат припадници на опозицијата.
„Апелираме да се почитуваат законските прописи и веднаш да се избере член на Државната изборна комисија (ДИК) со цел да не создаде ниту една причина што би можела да остави дамка врз изборниот процес“, истакнаа од ЦО.
ЦО врз основа на одлуката на Извршниот комитет на партијата за шеф на Централниот изборен штаб на ЛДП го избра генералниот секретар, Боби Мојсоски.
Избран е и тимот за програмски преговори во рамките на претстојната коалиција, предводен од потпретседателот Валентин Груевски, претседателката на Форумот на жените, Билјана Аврамоска-Ѓореска, претседателката на ЛиДеМ, Јелена Мишиќ, и членот на ИО, Горан Петрушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

