Македонија
Спасовски: Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со директорката на Клиниката за пластична и реконтруктивна хиругијата, Софија Пејкова, и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, на плоштадот Македонија присуствуваше на показна вежба во склоп на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства „Петарди НЕ – безбедност пред сè“, во организација на СВР Скопје – Одделение за превенција и Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.
Фокусот на кампањата е ставен на ризиците од употреба на петарди и пиротехника со цел да се влијае на подигање на свесноста на граѓаните за опасностите што произлегуваат од неовластеното користење пиротехнички средства.
Спасовски рече дека кампањата „Петарди НЕ – безбедност пред сè“ оваа година се реализира во партнерство со Универзитетската клиника за пластична хирургија со цел да се влијае на свесноста на граѓаните и младите да не употребуваат пиротехнички средства.
„Заеднички тимови од одделенијата за превенција на МВР и лекари од Клиниката за пластична хирургија овој месец посетија над 50 средни училишта во Скопје и во државава, кадешто беа одржани повеќе од 200 презентации и превентивни активности наоваа тема. На повеќе од 5.000 деца директно им беа објаснети последиците од користење петарди од медицински аспект, но и санкциите што следуваат при нивна употреба.
,,Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането, а празничното пукање со петарди може да биде исклучително опасно за животот и здравјето оставајќи екстремно тешки последици, кои може да го запечатат животот на младиот човек. Пораката од сите нас гласи: Петардите се опасни, штетни и воопшто не се ‘кул’“, рече Спасовски.
,,Министерството за внатрешни работи, во рамките на своите надлежности, само минатата година има запленето 86.639 парчиња пиротехника, оваа година заклучно со ноември речиси 21.000, а само во последниве 10-ина дека се запленети приближно 40 илјади разни пиротехнички средства и таа бројка уште ќе се зголемува. Овие активности на Министерството за внатрешни работи се континуирани, со засилена динамика пред и околу празниците, имајќи го предвид сезонскиот предзнак на пиротехниката, сè со цел да ја зголемиме свесноста кај младите, но и кај нивните родители, укажувајќи дека петардите не се играчки, туку опасни средства, кои може да нанесат ненадоместливи и трајни последици врз здравјето на младите“, рече Спасовски.
Констатира дека со спроведените интензивни кампањи и превентивни активности минатата година помина без ниту една регистрирана повреда од петарди и пиротехнички средства, а МВР и годинава продолжува да дејствува во таа насока.
Директорката на Клиниката за пластична и реконтруктивна хиругијата, Пејкова, рече дека фокусот на оваа кампања е колективно да ја подигнеме свеста за опасностите од употребата на петарди, со цел да се спречат повредите и трајните компликации од нив.
„Алармантен е фактот дека најголем ризик за повреди од петарди се рацете, кои се од суштинско значење за нашите секојдневни активности. Дури и мала експлозија може да доведе до траен инвалидитет, што понатаму влијае и на физичките способности и на емоционалната благосостојба“, истакна Пејкова.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, истакна дека Црвениот крст во пресрет на новогодишните празници, кога се забележува поголема употреба на пиротехнички средства, се приклучува кон кампањата на МВР, насочена кон целокупната популација со цел да се подигне јавната свест за опасностите што се јавуваат од употреба на петарди.
„Во сферата превенција нашите волонтери ќе ги нагласат негативните последици, кои може да настанат како последици од употреба на петарди, ќе се симулираат повреди, кои може да бидат крајно сериозни врз безбедноста и здравјето на секоја индивидуа и ќе се приклучиме кон целокупните напори за надминување на употребата на петарди и други пиротехнички средства, кои може да предизвикаат сериозни повреди“, потенцира Саити.
На показната вежба учествуваа волонтери од Црвениот крст, а присуствуваа и средношколци од медицинското училиште „Панче Караѓозов“ и скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Лицата кои повикуваа на тепање и убивање на протестите против „Безбеден град’’, активно вклучени во кампањата на СДС и Спасовски
Лицата кои деновиве повикаа на тепање и убивање на полициски службеници, поради желбата да возат без возачки дозволи, поради проектот „Безбеден град’’, биле активно вклучени во кампањата на Оливер Спасовски, што може да се види на фотографијата на екранот, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицата кои јавно се спротивставија на проектот „Безбеден град’’, во изминатите денови излегоа на протести, кои беа насочени против мерки кои имаат за цел да спречат возење без возачка дозвола, без регистрација и без одговорност.
СДС и Спасовски, да потсетиме за јавноста, гласаа против имплементација на проектот „Безбеден град’’ во Собранието.
Замислете, ексминистер за внатрешни работи, кој не направил буквално ништо во насока на подобрување на сообраќајната безбедност, гласаше против“.
Јавно ги прашуваме СДС и Оливер Спасовски, рече Петрушевски, дали ќе се дистанцираат и оградат од овие протести и од лицата кои повикуваа на јавен линч, и дали сметаат дека е прифатливо да се протестира против сообраќаен ред, закон и безбедност.
„СДС и Оливер Спасовски мора да дадат одговори на јавноста затоа што, за време на протестите беа забележани закани со насилство и убиство, и ова е повеќе од алармантно.
Ваквото однесување е недозволиво во демократско општество и затоа ги повикуваме сите надлежни институции да постапат без селекција и без двојни аршини, строго согласно закон, и да обезбедат одговорност за сите кои испраќаат закани за насилство“.
СДС и Оливер Спасовски, додаде тој, повторно се обидуваат да направат саботажа на се што е добро и е од интерес за граѓаните.
Според него, целта на ,,Безбеден град“ е да се зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Секој оној кој се залага за безбедност и ред во сообраќајот го поддржува овој проект.
Македонија
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци, бараат надлежните да извршат проверка на мобилен телефон
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци преку Вибер комуникација од затворот.
„Имаме сознанија дека лицето Ј.Ј. кое издржува притвор во затворот во Скопје му дава на користење мобилен телефон на Тодор Јованов, братот на монструмот, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на обвинителството. Ги повикуваме надлежните да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон“, изјави мајката на едно од загинатите лица.
Таа кажа дека се случил геноцид на млада генерација поради алчност, корумпираност и несовесно работење и вели дека пак се продолжува да се работи во таа насока.
„Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овој пат вистината да остане скриена“, рече таа.
Македонија
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Исполнуваме уште едно ветување од мојата изборна програма. Младите добиваат 10.000 денари за полагање возачки испит. Објавен е јавен повик за субвенционирање на младите за полагање на возачки испит – конкретна мерка, реална поддршка, јасна порака: младите се наш приоритет“, вели Стефковски.
На огласот може да аплицираат млади од 18 до 25 години и жители на Општина Гази Баба. Треба да поднесат барање во Архивата на Општината и да направат уплата во регистрирана авто школа.
Потребна документација:копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; фоказ за извршена уплата (оригинал); тековна состојба на авто школата (не постара од 2 месеци).

