Економија
Деспотовски: Оставаме успешна година зад нас, имаме просечен раст на бруто плати од 20% и 18.000 работни места

Бројот на вработени во компаниите во ТИРЗ достигна 18.000 што е највисоката бројка досега. Ова е една од клучните резултати од работата на ТИРЗ за 2023 кои ги презентираше директорот Јован Деспотовски.
„Оставаме успешна година зад нас. Посебно ме радува што двете основни цели кои си ги поставивме на почетокот на мојот мандат, а тоа се растот на работни места и растот на плати, ги остваруваме. Оваа година за прв пат ја надминуваме бројката од 18.000 работни места. Тоа значи дека имаме здрав тренд на раст на бројот на работни места кој продолжува. Ова е раст од 11% на работни места споредено со минатата година. Она што е исто така многу важно е што регистрираме значителен раст на бруто платата во однос на просекот од минатата година. Заклучно со податоците од ноември, прво, бруто платата во рамки на Зоните го надмина износот од 60.000 денари и второ, расте со повеќе од 20%, што е за 5% подинамично во однос на растот на платите во националната економија“, изјави Деспотовски.
Според првичните анализи, од компаниите во ТИРЗ се очекува во буџетот на државата да се слеат минимум 75 милиони евра по основ на придонеси, данок на добивка и персонален данок.
„Тоа се 75 милиони евра кои во следната година ќе се наменат за образованието, здравството. Само за споредба пред шест години имавме годишни уплати во буџетот коишто не надминуваа отприлика 10 милиони евра. Така што сето ова е резултат и на зголемениот квалитет на работење на самите компании. Исто така годинава имаме и раст на нето извозот, кој ќе надмине 20%, односно зборуваме за над 650-700 милиони евра кои остануваат во државава“, посочи Деспотовски.
Деспотовски посочи и дека ТИРЗ и Стопанската комора започнаа нова иницијатива „Иднината почнува дома“ чија цел е креирање платформа преку која веќе успешни млади ќе ги мотивираат младите, и им се отвори пристап до европски и добро платени работни места дома.
Инаку само годинава во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 450 милиони евра кои креираат 7000 нови работни места, од кои дел веќе се реализираат. Деспотовски најави и нови програми со фокус на домашните компании како и ново поглавје во однос на привлекување и поддршка на инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Средба Бежоска − Шиаочин Ју: Светската банка изрази задоволство од напорите на Народната банка за членството на земјава во СЕПА

Светската банка изрази задоволство од приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) и од напорите коишто ги вложи Народната банка за постигнувањето на оваа цел. Членството ќе донесе повеќе придобивки за целокупната економија, а најголема придобивка ќе имаат граѓаните и компаниите. За натамошни придобивки важно е земјата да се приклучи и кон регионалниот проект за инстант плаќања којшто го предводи Централната банка на Италија и којшто е дел од Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија.
Ова беше истакнато на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, директорката за Западен Балкан на Светската банка, Шиаочин Ју и директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, на кој присуствуваа и вицегувернерката Емилија Нацевска, генералната директорка за супервизија, Викторија Глигорова и секторската директорка за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан. На средбата беше нагласена посветеноста на Народната банка и инволвираните институции во земјава, коишто со поддршка на експертите од Светската банка напорно работеа на забрзување на процесот на интеграција на земјава во платежната инфраструктура на Европската Унија, преку приклучување кон СЕПА.
На состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност за постојаната поддршка којашто Светската банка ни ја даваше во целиот процес, со што ефективно се усогласија националните со регулативите и практиките на ЕУ и СЕПА, при што нашата земја стана 39 членка на СЕПА.
На состанокот стана збор и за натамошна модернизација на платните системи и натамошни придобивки за граѓаните, особено преку приклучување кон проектот којшто го спроведува Централната банка на Италија, а е наменет за сите земји од Западен Балкан. Се работи за воспоставување систем за инстант плаќања како клон на системот ТИПС со кој управува Европската централна банка (ЕЦБ). Системот ќе овозможи инстант извршување на домашните плаќања во кое било време од денот во текот на годината во секоја од земјите, како и на нивните меѓусебни плаќања и на плаќањата со земјите од ЕУ.
Во изминатите три децении, Светската банка ѝ е значајна партнерка на Народната банка, којашто дава техничка помош преку повеќе проекти за дополнително јакнење на капацитетите на земјава и на централната банка и за одржување на макроекономската стабилност. Светската банка ѝ даде поддршка на Народната банка во подготовката на тригодишниот план за зелени финансии, изработката на макропрудентната стратегија и зајакнувањето на рамката за системски ризици, како и за изработката на подзаконската регулатива за решавање банки.
Економија
Компанијата Кожувчанка ја лансира првата Апликација – Потсетник за пиење вода, од Изворска!

Компанијата Кожувчанка повторно ја изненадува јавноста со иновација и новитет создавајќи ја првата апликација во Македонија која ве потсетува да се напиете вода и да останете хидрирани во текот на целиот ден!
“Ние како Компанија секогаш ги слушаме потребите на нашите потрошувачи и дејствуваме за подобрување на квалитетот на нивниот живот. Живееме во ова брзо време што ни носи многу грижи, настани и предизвици со кои сите ние се справуваме, па често ни се случува да заборавиме на себе и своите потреби. Затоа ја создадовме Изворска Апликацијата која ќе ве потсетува во текот на денот дека треба да бидете хидрирани! Таа е бесплатна за преземање, па ви посакуваме на сите – Со здравје користење.” – изјавија од Маркетинг секторот на Компанијата.
Како работи апликацијата?
Со користење на функцијата за скенирање на баркодот од Изворска етикетата, апликацијата точно ќе го препознае количеството вода што ја пиете, и ќе ви покаже колку литри уште треба да испиете за да ја достигнете дневната цел за хидратација.
А, ова се нејзините основни карактеристики:
• Бесплатна и лесна за користење: Преземете ја апликацијата и започнете веднаш!
• Персонализирана: Точно пресметува колку вода треба да пиете врз основа на вашите лични потреби.
• Потсетник: Заборавивте да се напиете вода? Нема проблем – апликацијата ќе ви испрати потсетување.
• Статистика: Следете го напредокот на вашата хидратација на дневно и месечно ниво.
Изворска Апликацијата е достапна за преземање бесплатно на платформите Google Play и App Store: app.izvorska.mk
Компанијата Кожувчанка и брендот Изворска продолжуваат да инвестираат во иновации кои го подобруваат здравјето и квалитетот на животот на своите потрошувачи, а оваа апликација е само еден пример за нивната посветеност.
Ваша,
Кожувчанка
ПР
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,43 п.п., при што во февруари таа изнесува 2,19%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,34 п.п. и изнесува 5,18%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска.