Свет
Трамп споделува анкета, тврди дека покажува оти гласачите ја поддржуваат неговата одмазда

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп објави анкета на „Трут сошл“ истакнувајќи дека зборот што гласачите најмногу го поврзуваат со потенцијален втор мандат под негово водство е „одмазда“.
Соочувајќи се со десетици федерални обвиненија, многу од нив поврзани со неговите обиди да го поништи неговиот изборен пораз во 2020 година, Трамп тврди дека е жртва на кампања за одмазда, организирана од Бајден и неговото Министерство за правда.
Претходно, во декември, поранешните советници на Трамп, Стив Банон и Каш Пател, кои сè уште се блиски со поранешниот претседател, изјавија во поткаст дека Трамп е мртов сериозен во намерата да им се одмазди на наводните непријатели.
Самиот Трамп повеќепати вети дека ќе им се одмазди на своите политички противници за време на потенцијалниот втор мандат сугерирајќи дека ќе ги насочи федералните агенции за спроведување на законот да ги истражат непријателите.
Во објава на социјалните мрежи во вторникот Трамп ги сподели резултатите од анкетата нарачана од „Дејлимејл.ком’, која побара од гласачите да го наведат зборот што најмногу го поврзуваат со плановите на Трамп за втор мандат.
Резултатите, претставени во форма на облак со зборови, покажаа дека „одмаздата“ е најпопуларниот избор. „Моќта“, „диктатурата“, „економијата“ и „Америка“ ги сочинуваат првите пет.
Претставник за кампањата на Бајден не одговори веднаш на барањето за коментар.
Менаџерот на кампањата на Бајден, Џули Чавез Родригез, во меморандумот од 21 декември ја опиша кандидатурата на Трамп како закана за демократијата.
„Тој води кампања на освета и одмазда – и на сметка на американските слободи“, напиша таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел со одговор на Британија: Промената на ставот го наградува Хамас и им штети на мировните напори

Министерството за надворешни работи на Израел реагираше на најавата на Велика Британија дека ќе ја признае Палестина доколку Израел не преземе конкретни чекори кон прекин на конфликтот во Газа и обновување на мировниот процес што води кон решение за две држави.
„Промената на ставот на британската влада во овој момент, по францускиот потег и внатрешниот политички притисок, претставува награда за Хамас и им штети на напорите за постигнување прекин на огнот во Газа и рамка за ослободување на заложниците“, се вели во соопштението на израелското Министерство за надворешни работи на X.
Британскиот премиер Кир Стармер го објави потенцијалниот потег неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Париз ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации во септември.
Во официјалното соопштение од Даунинг стрит се наведува дека признавањето на Палестина е „неотуѓиво право на палестинскиот народ“ и дека ставот на британската влада отсекогаш бил дека признавањето ќе биде дел од поширокиот мировен процес, според медиумите.
Сепак, се наведува дека поради „сè понеподносливата ситуација во Газа и намалената надеж за мировен процес“, сегашниот контекст бара порешителна акција.
Стармер истакна дека признавањето ќе следи ако израелската влада не се согласи на итен и траен прекин на огнот, јасна посветеност на мировен процес што води кон решение за две држави и недвосмислена посветеност дека нема да има анексија на територија на Западниот Брег.
Тој, исто така, повтори дека „нема еквивалентност меѓу Израел и Хамас“ и дека барањата на Велика Британија кон Хамас остануваат: ослободување на сите заложници, прифаќање на прекин на огнот, откажување од каква било политичка улога во идното управување со Газа и целосно разоружување.
Фото: принтскрин
Свет
Велика Британија: Ќе ја признаеме Палестина во септември ако Израел не се согласи со нашите услови

Велика Британија ќе признае палестинска држава во септември ако Израел не се согласи на прекин на огнот во Газа, не дозволи помош од ОН и не преземе други чекори кон долгорочен мир, објави британскиот премиер Кир Стармер, според светските медиуми.
Стармер свика редок летен состанок на кабинетот за да се разговара за ситуацијата во Газа.
Тој им рече дека Велика Британија ќе ја признае државата Палестина пред Генералното собрание на Обединетите нации, „освен ако израелската влада не преземе значајни чекори за да ја заврши ужасната ситуација во Газа, не постигне прекин на огнот, не вети дека нема да има анексија на Западниот Брег и не се обврзе на долгорочен мировен процес што ќе обезбеди решение за две држави“.
Тој исто така рече дека Хамас мора да ги ослободи сите заложници што ги држи, да се согласи на прекин на огнот, „да прифати дека нема да игра никаква улога во владата на Газа и да се обврзе на разоружување“. Во телевизиска изјава, Стармер рече дека неговата влада ќе го процени „степенот до кој страните ги исполниле овие чекори“ во септември пред да донесе конечна одлука за признавање.
Велика Британија долго време ја поддржува идејата за постоење на независна палестинска држава покрај Израел, но верува дека признавањето треба да дојде како дел од договореното решение за конфликтот.
Притисокот за формално признавање на палестинската државност се зголеми откако францускиот претседател Емануел Макрон објави дека неговата земја ќе стане првата голема западна сила што ќе признае палестинска држава.
Повеќе од 250 од вкупно 650 пратеници во Долниот дом потпишаа писмо со кое ја повикуваат британската влада да признае палестинска држава. Стармер истакна дека и покрај условите што ги поставил, Велика Британија верува дека „државноста е неотуѓиво право на палестинскиот народ“, пренесуваат агенциите.
Фото: принтскрин
Регион
Млад човек се удави во Улцињ: трагедија во Црна Гора

Млад човек се удави во Улцињ денеска, во попладневните часови, јавуваат медиумите во регионот.
Според написите, давењето се случило на „Големата плажа“.
Засега нема информации за идентитетот на загинатиот.
Според последните извештаи било подигнато црвено знаме бидејќи имало големи бранови во морето.