Спорт
Канаѓанец од Клуб Бриж кариерата ќе ја продолжи во Интер

Спортскиот директор на Интер, Бепе Марота, уште еднаш покажа дека е мајстор на својот занает.
Откако, го убеди Пјотр Зиелински како слободен играч да потпише за Интер и да стане член на „нероаѕурите“ од следното лето, клубот од стадионот „Џузепе Меаца“ ангажираше уште еден играч.
За неколку дена нов играч на Интер ќе стане Канаѓанецот од Клуб Бриж, Тејџон Бјукенан. Интер за неговиот трансфер ќе издвои 10 милиони евра.
Овој 24-годишен фудбалер игра како лево крило во белгискиот клуб, а може и да ја покрива целата лева страна, како винг бек во формацијата која ја форсира тренерот Симоне Инзаги.
Сезонава на 20 натпревари за Бриж постигна три гола и забележа четири асистенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Македонија официјално го призна ММА спортот – Скопје ќе биде домаќин на најголемиот борачки настан досега

Министерството за спорт донесе одлука Мешаните боречки вештини да бидат официјално признаени како легитимен спорт во Македонија. Со оваа одлука, Македонија станува четвртата земја во Европа што го признава ММА како официјален спорт, потврдувајќи го растечкиот успех и влијание на овој спорт на нашата територија.
Ова признание е резултат на долгорочна посветеност, страст и исклучителни успеси на македонските борци на домашната и меѓународната сцена. Особено ги истакнуваме постигнувањата на клубот “Д Стронгест”, Даниела Алексовска, Ивица Алексовски и Стефан Пецевски. Во последниве две години, тие донесоа чест и респект за нашата земја на меѓународната ММА сцена како и безброј победи, двајца европски прваци и бронзен медал на Светското ММА првенство, велат од Федерација на Р.С. Македонија за ММА.
Со официјалното признавање е формирана Македонската ММА Федерација, на чие чело е Ивица Алексовски, со преку 30 години искуство во развојот и промоцијата на боречката сцена.
Во духот на ова ново поглавје, се најави и најголемиот ММА спектакл досега во Македонија. Настанот ќе се одржи на 6-ти септември, организиран од страна на Македонската ММА Федерација и промотерската организација ARMMADA, градот Скопје ќе биде домаќин на врвни борци од Македонија и целиот свет.
На настанот ќе бидат поканети некои од најголемите ММА имиња денес, како што се Александар Волкановски, Александар Ракиќ и Педи Пимблетт.
Најавени беа и неколку македонски ММА борци кои ќе влезат во октагонот, меѓу кои се Горјан Славески, Даниела Алексовска, Марко Трајановски и Дино Старчевич.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на каналот „Арена Фајт“.
Спорт
Роналдо Џуниор дебитираше во Хрватска, гордиот татко му честита

Кристијано Роналдо Џуниор (14), најстариот син на легендарниот португалски фудбалер со исто име, пристигна во Хрватска каде што настапува со португалската репрезентација до 15 години на Меморијалниот турнир „Влатко Марковиќ“ во Свети Мартин на Мури. Португалија го отвори турнирот со победа од 4:1 над Јапонија.
Синот на Роналдо влезе во игра во 53-тата минута (се играа 2×40 минути), но немаше некој посебен ефект. Неговиот татко Кристијано по дебито објави порака на Инстаграм полна со гордост: „Честитки за твоето деби за Португалија, сине. Многу сум горд на тебе.“
Тој го носи бројот 7 на дресот, како и неговиот татко. Марија Долорес дос Сантос Авеиро, неговата баба и мајка на постариот Кристијано, исто така пристигна во Хрватска со него. Таткото очигледно не можел да дојде поради клупски обврски во Саудиска Ал Наср.
Спорт
Далас со измама го доби првиот пик? Теорија на заговор ги запали социјалните мрежи

Америка зборува за измама која наводно се случила на драфт-лотаријата на НБА.
Голем број фанови на НБА се убедени дека драфт-лотаријата која се одржа синоќа во Чикаго е наместена и дека Далас со измама го добил првиот пик на годинешниот драфт.
Маверикс, кои беа елиминирани во вториот натпревар од плеј-офот оваа сезона, победија на НБА драфт лотаријата за да го преземат првиот пик на овогодинешниот драфт, и покрај тоа што имаа само 1,8 отсто шанси да стигнат до него.
По турбулентната сезона и заминувањето на првата ѕвезда на тимот, Лука Дончиќ, Мавс ќе имаат можност да го изберат 18-годишниот Купер Флег, кој важи за најголемиот талент во американската кошарка.
Само три месеци по одлуката да ја заменат својата суперѕвезда Лука Дончиќ во Лејкерс, тие добија шанса уште еднаш да изберат ѕвезда околу која ќе го градат тимот во иднина.
Додека НБА ѕвездите јавно се потсмеваат на лотаријата, на интернет кружат неверојатни теории на заговор.
„Трејдајте го Лука на нашиот најголем пазар и ние ќе ви ја донесеме Флег“, напиша еден фан покрај фотографијата на Адам Силвер.
„Адам Силвер ја уништи лигата што ја сакам“, додаде друг.
Она што дополнително ги разбесни навивачите е тоа што Сан Антонио и Филаделфија ги добија вториот и третиот избор, бидејќи тие исто така не се тимовите кои имаа најголеми шанси на лотаријата, туку токму спротивното. Така, Спарс ќе добијат уште една млада надежна ѕвезда со Вембањама, исто како Филаделфија на Ембиид, која со години не може да се вклучи во борбата за титулата.
Најголеми губитници на лотаријата се Хорнетс кои имаа очаен настап и го добија само четвртиот пик, но и Јута и Вашингтон кои исто така немаа среќа.