Македонија
Петровска: Во 2024 влегуваме со историски најголем буџет, кој е инвестиција во безбедноста на државата
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, на брифинг со уредници и новинари што следат одбрана разговараа за активностите што ја одбележаа годината што изминува, како и плановите за развој на одбраната и Армијата за 2024 година.
Во услови на нарушена безбедност на континентот, Северна Македонија е безбедна и стабилна земја, порача министерката Петровска и додаде дека континуирано се инвестира во зголемувањето на борбената готовност, во набавката на нова и модерна опрема и во развојот на човечкиот потенцијал во одбраната. Петровска информира дека буџетот за Одбраната во 2024 година ќе изнесува 2,05 % од домашниот бруто-производ и дека една третина од средствата ќе бидат наменети за модернизацијата на Армијата.
„Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05 % од домашниот бруто-производ, од кои повторно една третина ќе одвоиме за модернизација и опремување. Тоа ќе овозможи набавките на оклопните возила JLTV, оклопните возила Stryker, системите за противвоздушна одбрана Mistral 3 и артилериските орудија Boran да продолжат да пристигнуваат во согласност со договореното“, рече Петровска. Изрази очекување дека првите возила Stryker ќе пристигнат до крајот на 2024 година, а два хеликоптера, кои се во фаза на ремонт ќе се вратат во Северна Македонија во првата половина на следната година.
Во однос на човечкиот потенцијал, министерката се осврна на новиот закон за вработените во одбраната, кој се наоѓа во собраниска процедура и кој ќе овозможи раст на стандардот на вработените, кои се клучна алка во безбедносниот систем.
„По измените во Законот за служба во Армијата и многуте поволности за армиските припадници во зголемувањето на нивниот стандард, во 2024 година тоа ќе го направиме и за службениците во Одбраната со новиот закон за вработените во Министерството, кој се наоѓа во собраниска процедура. Ако пратениците од која било партија навистина сакаат да го валоризираат трудот на вработените во Одбраната, кои се одговорни, вклучително и за нивната безбедност како граѓани на оваа земја, ќе го поддржат ова законско решение, без никакви калкулации и уцени“, рече министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.

