Свет
Путин имаше новогодишно обраќање сосема поинаку од минатата година

Рускиот претседател Владимир Путин, кој ќе се кандидира на изборите во март, во денешното новогодишно обраќање само попатно се осврна на војната во Украина, поздравувајќи ги своите војници како херои, но најмногу нагласувајќи го единството и заедничката одлучност.
Претходно снименото обраќање, кое се емитува нешто пред полноќ во сите единаесет временски зони во Русија, е чист контраст со минатогодишното кога Путин застана зад војниците и ги повика граѓаните да се жртвуваат во, како што рече, борбата за опстанок.
„До сите кои се на борбени позиции и во првите редови во борбата за вистина и правда: Вие сте нашите херои, нашите срца се со вас. Горди сме на вас, се восхитуваме на вашата храброст“, рече Путин, овој пат традиционално под ѕидовите на Кремљ.
Украина не беше спомената ниту експлицитно, ниту под терминот „специјални воени операции“, како што Путин ја нарекува војната што ја започна во февруари 2022 година со испраќање на руските вооружени сили во Украина. Со сузбивање на сите значајни опозициски сили и секое политичко несогласување, извесно е дека 71-годишникот ќе победи на изборите и ќе ги продолжи своите 24 години на власт.
Сепак, во последниве месеци, кога војната во голема мера се претвори во ќорсокак, тој ги ублажи своите претходно бурни, националистички пораки за Украина и повеќе се сврте кон економијата и инфлацијата, прашања кои се поважни за гласачите.
„Не еднаш докажавме дека можеме да ги решиме најтешките проблеми и никогаш нема да отстапиме, бидејќи нема сила што може да не раздели“, рече тој. Путин ги претстави Русија и нејзиниот народ како обединети, полни со поддршка и „цврсти во одбраната на националните интереси, нашите слободи и безбедност, нашите вредности“.
„Работејќи на општото добро го обедини општеството. Ние сме обединети во нашите мисли, работа и борба, во работни денови и празници, покажувајќи ги најважните вредности на рускиот народ – солидарност, милост, храброст“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ и ги приближиле двете страни до донесување на неопходните одлуки.
– Разговорот беше многу отворен и по мое мислење нѐ доближува до потребните решенија, рече Путин на состанок во Кремљ посветен на резултатите од преговорите во Анкориџ.
Тој додаде дека долго време не биле водени преговори од ваков вид на толку високо ниво и дека имал можност „смирено и детално“ да ја изложи руската позиција. Според него, се дискутирало за сите аспекти на билатералната соработка, но главниот акцент бил ставен на можностите за праведно решавање на украинската криза.
На состанокот во Кремљ присуствуваа премиерот Михаил Мишустин, претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин, раководителот на претседателската администрација Антон Вајно, како и секретарот и заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев и Сергеј Шојгу. Присуствуваа и вицепремиери, министри, како и гувернерката на Централната банка, претставници на ФСБ, Генералштабот и Рускиот фонд за директни инвестиции.
Путин најави дека детално ќе ги информира учесниците за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп. Состанокот во Кремљ продолжи зад затворени врати.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.