Свет
Зеленски за авионите Ф-16: Дефинитивно ќе ги видиме на украинското небо
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето новогодишно обраќање истакна дека Украина станала посилна во надминувањето на сериозните тешкотии, бидејќи војната против Русија се приближува на втората година.
20-минутната видео-порака емитувана од неговата канцеларија во Киев речиси и да не се однесува директно на ситуацијата на фронтот долга 1.000 километри или на ограничениот успех на контраофанзивата започната во јуни.
Тој, исто така, не се осврна на политичките и дипломатските тешкотии во обезбедувањето континуирана воена и друга помош од американскиот Конгрес и од Европската унија. Зеленски рече дека војната ги научи Украинците да ги издржат руските напади и да се приспособат на тешкотиите, вклучително и прекини на струја, индустриски операции и закани за транспортот на нејзиниот извоз.
„Главниот резултат на годината, неговото главно достигнување: Украина стана посилна. Украинците станаа посилни. Кога ја надминавме, без претерување, најтешката зима во историјата на почетокот на 2023 година. Кога докажавме дека Украинците се посилни од студот и темнината. Посилни од прекинот на електричната енергија и закани со прекини на струјата. Украинците се посилни од какви било блокади и вето, неверување или скептицизам“, рече Зеленски во своето обраќање, емитувано со видеа од нападнати градови и средби со лидерите на западните сојузници на Украина.
Зеленски ги истакна успесите на Украина во задржувањето и нападот на руската морнарица во Црното Море и тврди дека Украинците биле „посилни од какви било интриги“ за време на собирот на групата западни земји за подобрување на воздушната одбрана на Украина и испораката на борбените авиони Ф-16.
„Дефинитивно ќе ги видиме на нашето небо“, рече тој за Ф-16, повторувајќи го своето ветување дека ќе го зголеми домашното производство на оружје и ќе произведе најмалку еден милион беспилотни летала во следната година.
Осврнувајќи се на прашањето за обезбедување доволен број војници во украинската армија, тој ги повика оние кои „се уште се двоумат да направат храбар избор следната година, да ја одбранат сопствената земја, да работат за неа, да и помогнат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Соборивме руски борбен авион
Украинската 110-та посебна механизирана бригада собори уште еден руски борбен авион Су-25, соопшти единицата.
47-та механизирана бригада претходно во текот на денот извести дека соборила руски јуришен хеликоптер Ка-52 Алигатор, пишува Киев Индепенден. 110-та посебна механизирана бригада собори три руски авиони во последните две недели. Бригадата погоди уште два Су-25 на 4 и 11 мај.
Единицата не прецизираше каде е соборен авионот, но познато е дека бригадата оперира кон Авдиивка во регионот на Доњецк.
Су-25 се користи за обезбедување блиска воздушна поддршка на руските трупи на теренот, помагајќи им да извршат интензивни напади на повеќе делови од источниот фронт, кој го покрива најголемиот дел од регионот на Доњецк.
Регион
На Порфириj забранет влез во Косово, Патријархот: Таа врата ќе ја отвори самиот Бог
Власта во Приштина им забрани на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфирије и на седумте владици кои го придружуваат да влезат во Косово, каде за утре е закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќската патријаршија.
Патријархот требаше да пристигне во Косово во текот на попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре од Приштина, стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово, соопшти Канцеларијата за Косово на Владата на Србија.
Пеќската патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО.
Директорот на Канцеларијата Петар Петковиќ рече дека, во согласност со сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „наспроти сите договори, косовскиот премиер Албин Курти му ја ускратил можноста на патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поткрепа и потпора за својот народ и верниците“.
Порфириј во писмена изјава за медиумите најави дека „како српски патријарх, како граѓанин и како верник“ знае и порача „дека самиот Бог порано или подоцна ќе ја отвори таа врата“.
„Оние кои ги затворија вратите на молитвениот дом прават зло прво на себе, а потоа на сите луѓе“, рече Порфириј.
Европа
Три недели од исчезнувањето на аутистично момче во Германија: дали Аријан бил жртва на несреќа при лов
Поминаа три недели откако шестгодишното момче Аријан Арнолд исчезна во германскиот град Бремерворде. „За нас е необјасниво што сè уште никаде не го најдовме момчето“, изјави портпаролот на полицијата Хајнер ван дер Верп.
„Ништо не можеме да исклучиме. Никогаш не сме ја отфрлиле можноста тој да е киднапиран“, додаде Ван дер Верп во интервју за магазинот „Шпигел“. Според информации на Билд, полицијата ја истражува можноста дека се работи за скриена несреќа при лов.
Билд пишува дека полицијата истражува дојава дека момчето може да биде повредено и моментално се наоѓа во непозната куќа. Полицајците имаат намера да разговараат со локалните жители за да добијат нови информации и да видат дали забележале нешто.
„Тоа ќе биде еден вид чистење од врата до врата“, објасни Ван дер Верп. Досега, официјалните лица главно претпоставуваа дека станува збор за несреќа, стравувајќи дека детето со аутизам можело да падне во блиската река Осте.
Беа ангажирани нуркачи и чамци, но тоа не даде резултат. На брегот е откриен детски отпечаток, што е интересно бидејќи Аријан не носел чевли во моментот на неговото исчезнување. Предвидено е и ново пребарување на реката. Изминатиот викенд беше топло време, кое многумина го искористија за да се прошетаат покрај реката, но никој не забележа ништо корисно.
Аријан исчезна од куќата на неговите родители на 22 април. Полицијата има снимка од блиската надзорна камера. Според информациите на Билд, на снимката се гледа како Аријан брзо се движи по улицата околу 19:15 часот. Додаваат дека Аријан во тој момент држел предмет кој личи на играчка меч или стап и дека изгледал безгрижно.