Македонија
Колку пијани мажи, толку и жени – на токсикологија завршија 22 лица, најмладиот пациент 14 годишен
На новогодишната ноќ биле примени 22 пациенти во алкохолизирана состојба на Клиниката за токсикологија, од кои најмладиот пациент имал 14 години.
Кирил Наумовски од Клиниката информираше дека половина од нив се малолетни лица.
Сите се пуштени на домашно лекување, а навеле дека труењето е поради алкохол, пришто Наумовски потенцира дека дел од пациентите не ја кажуваат вистината кога ќе ги прашаат дали консумирале и наркотични средства.
Во однос на полот, од Токсикологија велат дека годинава дека бројот е еднаков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, нивното дислоцирање од една во друга општина е сурова и опасна пракса, порачуваат од Анима Мунди
Во последниов период сведочиме на повторливи, систематски и сурови случаи на дислоцирање на цели легла и чопори кучиња во градот Скопје – животни кои не се познати на локалните заедници, кои се појавуваат преплашени, дезориентирани и во очигледен стрес, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.
Последниот случај, кај „Аркадија“, како што посочуваат, е само уште еден доказ за оваа варварска и неказнета пракса: осум нови кучиња, оставени на улица, без контрола, без грижа, без шанса.
Ова, според здружението, не се изолирани појави.
„Граѓаните секојдневно сведочат за комбиња што пренесуваат кучиња од една во друга општина , истовари на периферии, депонии, па дури и во срцето на градот, како да станува збор за отпад, а не за живи суштества.
Таквата практика не е само нехумана и противзаконска, туку создава директна јавна опасност и за луѓето и за животните.
Бруталноста оди дотаму што не така одамна беа забележани повеќе легла – очигледно ловџиски мешанци – исфрлени во рамките на заштитени подрачја, како резерватот „Јасен“, каде што немаат никаква шанса за преживување.
Тоа е чин на апсолутно варварство, на негрижа, и на одбивање да се соочи вистината за сопствената одговорност.
„Грижо моја, прејди на друг“ – оваа реченица станува симбол за начинот на кој функционира локалната власт. Зошто поминува неказнето, затоа што никој не одговара“.
Анима Мунди бара итно институционално препознавање и санкционирање на ваквите постапки.
„Бараме: Воспоставување на механизми за следење, превенција, евиденција и санкција на случаи на дислоцирање на кучиња;
Соработка меѓу општините, институциите на централно ниво и граѓанските организации;
Отворање истраги и ефективни казни за сите сторители на овие дела.
Неодамнешните реакции и на ЈП Лајка го потврдија истото: Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, што не може да биде дело на поединци. Станува збор за организирана и перманентна злоупотреба која мора да се истражи, докаже, казни.
Ги повикуваме граѓаните – доколку забележат товарење или истовар на кучиња, да го документираат со фотографии или видео и веднаш да пријават до надлежните служби или до нашата организација. Укажуваме, ова е длабоко сурова форма на насилство, но и многу опасно и по граѓаните и по животните“.
Македонија
(Видео) Мирослав Лабудовиќ: Субвенции за годишен сервис на лифтови и хидранти – за безбедни згради и сигурни граѓани
Кандидатот за градоначалник на општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, ја најави новата мерка за субвенционирање на најголемиот дел од трошоците за годишниот сервис на лифтови и хидранти во сите станбени згради – чекор што има за цел да ја зголеми безбедноста на граѓаните и да ја поттикне одговорноста кон редовното одржување на зградите.
„Општината има обврска да се грижи за своите граѓани – не само со големи и долгорочни проекти, туку и со конкретни, секојдневни мерки кои го олеснуваат животот и го прават побезбеден. Затоа ја воведуваме мерката за субвенционирање на 70 отсто од редовниот годишен сервис на лифтови и хидранти,“ изјави Лабудовиќ.
Оваа мерка е од особено значење за старите згради и за станбените заедници кои со години се соочуваат со високи трошоци и застарени системи. Често лифтовите не се сервисираат редовно, а противпожарните системи остануваат нефункционални – што го загрозува животот на станарите и нивната безбедност.
Со субвенционирањето, Општината ќе преземе дел од финансиската обврска, со што ќе им помогне на граѓаните навреме да ги направат задолжителните технички прегледи, да избегнат ризици, и да се чувствуваат сигурно во сопствените домови.
„Безбедноста на секој човек, секое семејство и секој дом во Центар е наш приоритет. Оваа мерка е пример за тоа како локалната самоуправа може практично да помогне – со превенција, грижа и навремена реакција,“ истакна Лабудовиќ. Тој додаде дека преку оваа мерка Центар ќе стане пример за модерна и одговорна општина која навистина се грижи за својот народ.
Според планираниот модел, Општината ќе ги покрива дел од трошоците за редовен годишен сервис на лифтовите и хидрантите, а средствата ќе се обезбедат преку јавен повик на кој ќе можат да аплицираат сите станбени заедници на територијата на општината. Субвенциите ќе бидат достапни под еднакви услови за сите жители, со приоритет на зградите со повисока фреквенција на користење на лифтови и оние што немаат редовен сервис повеќе години.
„Со вакви политики, ја градиме довербата меѓу Општината и граѓаните. Затоа што Центар не треба да биде само административна единица – треба да биде заедница која се грижи, превенира и создава услови за сигурен и достоинствен живот,“ додаде Лабудовиќ.
„Мерката за субвенционирање на лифтови и хидранти е дел од поширокиот план за безбедна, уредна и функционална општина – Центар што се грижи за своите жители, од најмладите до најстарите, во секој сегмент од секојдневието.
Со ова, Центар под водство на Мирослав Лабудовиќ ќе се позиционира како општина со јасна визија, конкретни решенија и искрена грижа за граѓаните“, се додава во соопштението на ЗНАМ.
Македонија
Вчера констатирани 1065 сообраќајни прекршоци, 716 за брзо возење
Во текот на вчерашниот ден како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1065 издадени платни налози, 716 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 50 прекршоци за неправилно паркирање, 82 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, 14 санкции за возач почетник, како и 16 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле осум возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и двајца пешаци. Исто така санкционирани се 44 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 23 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а едно возило заради техничка неисправност. Санкциониран е и еден возач поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“, соопшти МВР.

