Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Платите растат преспоро во однос на енормно зголемените трошоци за живот
Добро е да растат платите и тоа го поздравуваме, но нивниот раст засега е преспор во однос на енормно зголемените трошоци за живот. Оттука сосема отсутно и изгубено во просторот и времето делува фалењето на СДС за зголемување на платите, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Да не заборавиме дека токму оваа влада го зголеми ДДВ-то на огромен број на производи. Дополнотелно на ова ако се додаде и двоцифрената инфлација ќе се добие дека со повишувањето на платите нема ниту за сол и шеќер да се купи.
На пример, ако јогуртот се продаваше по цена од околу 70 до 80 денари, сега чини околу 90 денари. Кравјиот кашкавал кој одеше за 500 денари, сега чини 600 денари. Еден килограм овчи кашкавал ќе се продава за околу 900 денари, мешаниот за околу 700, кравјото сирење е со цена околу 400 денари, а овчото сирење се продава за повеќе од 500 денари.
Вредноста на Синдикалната минимална кошница за преживување на едно 4 члено семејство за октомври 2023 година изнесува 46 198 денари. А СДС се фали со минимална плата 22.500 денари што е пола од реалните трошоци за живот“, додаваат од оваа партија.
Според нив, за седум години власт на СДС, Македонија заостана зад сите држави во регионот, сите земји кои беа зад нас сега се пред нас.
„Во период од 2017 до 2023 година растот на БДП по глава на жител во Македонија е само 20%, додека кај сите други држави од регионот е 50%, а некаде и над тоа.
Имено додека во Македонија економијата пораснала за 20%, во БИХ таа се зголемила за 42%.
Додека Македонија има раст од само 20%, во Србија растот е 50%. А за истиот период во Бугарија по глава на жител БДП се зголемил за 64%.
Повеќе од двојно поголем раст од Македонија има и Албанија, каде по глава на жител во периодот од 2017 до 2022 година БДП пораснал за 52%.
Во 2017 Македонија има поголем БДП по глава на жител и од Албанија и од БИХ, сега и двете земји кои беа зад нас не поминаа, а Србија, Бугарија и Црна Гора се уште повеќе пред нас“, се истакнува во соопштението од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

