Македонија
Тендерот „Чебрен“ пропадна поради пропусти и немање капацитет, ниту знаење од Владата за капитални проекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Уште пред еден месец лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, отворено предупредуваше за пропусти во постапката за реализација на проектот „Чебрен“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Алармиравме дека Владата неколкупати ги менувала одлуките поврзани со изградбата на хидроцентралата ‘Чебрен, со што создаде сложена ситуација и потенцијално голем проблем во иднина.
Тогаш СДС тврдеше дека нападите се малициозни и невистинити. Месец дена подоцна проектот пропадна.
Прво Владата на Зоран Заев на 24 декември 2019 година донела одлука за отпочнување на постапката, во која се вели дека на компанијата што ќе ја добие оваа набавка ќе и биде отстапена и хидроцентралата „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне изградбата.
Почнува да се гради, три месеци потоа го добиваат „Тиквеш“, па потоа треба да изгради 400-киловолтна трафостаница „Мариово“ каде што ќе се поврзе хидроцентралата.
По кратко време власта ја презема техничката влада предводена од Оливер Спасовски, која носи нова одлука на 4 февруари 2020, со која се бришат сите овие обврски наведени во првичната одлука. А две недели подоцна е објавен и јавниот повик, и во него избришаните обврски повторно се појавуваат. Ситуацијата дополнително се комплицирала со тоа што во меѓувреме е објавен повикот за компаниите да учествуваат во пред квалификацијата, во кој се вели дека победничката компанија ќе ја добие ХЕЦ „Тиквеш“ три месеци откако ХЕЦ „Чебрен“ ќе почне со работа, односно ќе биде завршена градбата.
Тоа е голема разлика бидејќи ако од прилика таа градба трае шест години, а ХЕЦ „Тиквеш“ произведува отприлика 140-150 илјади мегават часови, пазарната цена е некаде околу 120 евра мегават час, но таа е пикова енергија и е уште поскапа, но еве да речеме 120 евра мегават час, помножено со 6 години ние добиваме сума од 100 милиони евра.
Во краток период биле донесени повеќе документи што не се поклопувале еден со друг, што предизвика проблем“, појаснуваат од опозициската партија.
Конфузијата, како што додаваат, продолжила и понатаму во постапката, па така на 14 септември минатата година сегашната влада ја избира групата „ППЦ-Архиродон“, односно грчкото електростопанство, како најповолен понудувач, повикувајќи се на одлуките пред три и пол години во кои ХЕЦ „Тиквеш“ еднаш се дава три месеци по почетокот на градбата, а вториот пат се брише.
Владата, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, во обид да си направи свој нов бонбона-бизнис од 100 милиони евра дополнително се заплетка.
Затоа, според нив, поради овој криминал и неспособност, никогаш не се живеело полошо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Дигиталните реформи се двигател на подобри услуги и помалку бирократија за граѓаните

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изрази благодарност и гордост што Република Македонија беше домаќин на Дигиталниот самит на Западен Балкан, значаен настан кој ја позиционира државата и градот Скопје како клучен регионален центар за дигитални иновации.
„Со одржувањето на овој Самит, кој свечено го отвори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја испраќаме јасната порака дека Македонија е подготвена да ја предводи дигиталната трансформација во регионот. Секоја дигитална реформа што ја спроведуваме е насочена кон граѓаните – кон побрзи, поефикасни услуги, кон намалување на бирократијата и создавање нови можности“, изјави Андоновски.
Тој посочи дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска трансформација која има директно влијание врз квалитетот на животот – за граѓаните кои бараат подобар пристап до јавни услуги, за семејствата на кои им е потребен поквалитетен здравствен и образовен систем, за компаниите кои сакаат полесно деловно работење и за младите кои ја гледаат својата иднина тука, во регионот.
Како дел од своето обраќање, министерот ја претстави и иницијативата за проширување на моделот „роаминг како дома“ кон Европската Унија – чекор кој, како што рече, ќе значи реално намалување на трошоците за комуникација и подобра дигитална поврзаност на граѓаните со Европа.
„Голема благодарност до сите кои придонесоа овој настан да биде организиран на највисоко ниво. Тимот на Министерството за дигитална трансформација вложи исклучителен труд за достојно претставување на државата и нашата визија за дигитална иднина“, истакна Андоновски во своето официјално обраќање.
Македонија
(Видео) Костова: Бројот на работници во индустријата намален за 2,6 процента, лоши политики на Мицкоски и ДПМНЕ

Во кругот фабрики во Штип, пред само неколку дена ѝ беше ставен клуч на уште една фабрика, чии работници останаа без плата, без здравствено и пензиско осигурување, без социјална безбедност.
Со Мицкоски и ДПМНЕ, фабричките погони се празнат и затвораат, работниците остануваат на улица, вели Кристина Костова, потпретседателкта на СДСМ.
„Индустриското производство паѓа, а за една година бројот на работници во индустријата е намален за 2,6 проценти. Ова е резултатот на лошите економски политики на Владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со овој податок јасно се потврдува дека и индустријата е во лоша состојба. Најсилен удар има во преработувачката индустрија, пад од 2,7 проценти, во рударството пад од 1,7, во енергетиката пад од 0,6. Странските инвестиции се преполовени за само една година.
Од јануари до август падот на бројноста изнесува 3,8 проценти“.
Овој пад, според неа е директен резултат на лошите економски политики на Владата на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ.
Оценува дека без план за индустријата, без предвидливост и без сериозна поддршка за инвестициите и индустријата, економијата и натаму ќе биде во ризик.
Но, ова, според неа, не е единствен проблем во економијата.
„Нема реално зголемување на платите. На хартија нешто се менува, ама во паричникот ништо. Инфлацијата го јаде секој денар, стандардот паѓа, кошницата поскапува, а Владата не убедува дека сме биле четврта или шеста економија во Европа. Нема контрола на цените. Основните продукти се недостапни за илјадници семејства, маржите не се контролирани, инспекциите молчат. Економијата стагнира. Падот кај капиталните производи е 7,1 процент, што значи стопирани инвестиции и одложени набавки на машини. Тоа е јасен знак дека индустријата нема доверба во насоката на Владата. Енергетската политика е хаотична. Сметките за струја останаа високи, договорите непредвидливи, компаниите ја губат конкурентноста. Во вакви услови нема нови работни места, има само отпуштања“.
Како што вели таа аминистрацијата е партизирана, процедурите се бавни, повратот на ДДВ касни, извозниците чекаат. Кога државата кочи, економијата не може да оди напред.
Порача дека ова е владин неуспех.
СДСМ, подвлече таа, бара веднаш, план за стабилизирање на индустријата и стандардот. „Итни мерки за предвидливи енергетски договори за индустријата, зајакната контрола на цените во основната кошница, реален социјален дијалог за плати што ќе ја победат инфлацијата, деблокада на капиталните инвестиции и партнерство со извозниците“.
Македонија
Муцунски – Странд: посочена важноста од поголема динамика во процесот на интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ

Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Јоаким Странд, министер за европски прашања и државно сопствеништво на Финска, кој престојува во работна посета на земјава.
Разговорите беа посветени на актуелните европски и регионални прашања, со посебен акцент на политиката на проширување на Европската унија и перспективите во пристапниот процес. Министерот Муцунски ја реафирмираше цврстата посветеност за забрзување на евроинтегративниот процес со цел полноправно членство во ЕУ, во согласност со воспоставените критериуми и стандарди. Тој истакна дека државата останува доследен и кредибилен партнер на ЕУ, кој континуирано работи на спроведување на реформите и активно придонесува кон регионалната стабилност и соработка.
Муцунски посочи и на важноста од поголема предвидливост и динамика во процесот на интеграција на земјите од регионот во ЕУ, изразувајќи благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од страна на Финска.
Двајцата министри разговараа и за билатералните односи, потврдувајќи ја заедничката заложба за нивно натамошно продлабочување и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.