Вести
Русија ги обвини бунтовниците кои ги поддржуваат САД за кршење на примирјето во Сирија
Русија ги обвини сунитските бунтовнички групи во Сирија коишто ги поддржуваат САД за нарушување на примирјето и го повика Вашингтон да изврши притисок врз нив, додека Стејт департментот наведува дека примирјето, кое стапи на сила во понеделникот, се одржува и покрај некои извештаи за продолжување на насилствата.
„Силно ги повикуваме сите оние кои имаат влијание на кршењето на примирјето, а во прв ред американската страна, тоа конечно да го решат со своите клиенти. Не смее да се дозволи нивните очекувани провокации да ја уништат можноста за изнаоѓање на политичко решение за сириската криза“, порача руското Министерство за надворешни работи, пренесе агенцијата РИА.
Американскиот Стејт департмент наведува дека се чини оти примирјето се одржува, и покрај некои извештаи за продолжување на насилствата.
„Видовме некои извештаи за спорадично насилство, но за сега изгледа дека договорот се почитува, а насилствата … ги има помалку во споредба со претходните денови и седмици“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, пренесе Reuters.
Спогодбата за прекин на огнот, што го договорија Русија и САД, американскиот државен секретар Џон Кери го нарече веројатно последна шанса да се спаси единствена Сирија.
Договорот постигнат во петокот во Женева, по повеќемесечни преговори меѓу Русија и САД. Тој бара од двете завојувани страни да дозволат пристап на хуманитарната помош во опколените подрачја, во прв ред во најпогодените, како што е северниот град Алепо, втор по големина во земјата.
Доколку примирјето и хуманитарниот пристап се одржат цела седмица, САД и Русија ќе воспостават соработка против џихадистичките групации Исламска држава и Џебхат Фатех ал-Шам, порано позната како Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда, кое го смени името поради соработката со некои бунтовнички групации кои ја имаат поддршката од САД и нивните регионални сојузници./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.