Свет
Најмалку 20 загинати во Иран: експлозии на церемонијата по повод годишнината од атентатот на Сулејмани

Во две експлозии најмалку 20 луѓе загинаа, а десетици се ранети во близина на гробишта во Иран, каде што се одржа церемонија за смртта на командантот на Иранската револуционерна гарда, Касем Сулејмани, јавува „Ројтерс“ цитирајќи ги иранските државни медиуми.
Сулејмани беше убиен во 2020 година во напад со американско беспилотно летало.
Иранската државна телевизија јави за првата, а потоа и за втората експлозија за време на церемонијата во југоисточниот град Керман наведувајќи дека најмалку 20 луѓе загинале.
Nournews објави дека „неколку плински канистри експлодирале на патот што води до гробиштата“.
Иранските државни медиуми цитираа изјава на локален функционер дека „сѐ уште не е јасно дали експлозиите биле предизвикани од боци со гас или терористички напад“.
Државната телевизија прикажа како спасувачите на Црвената полумесечина им помагаат на ранетите на церемонијата, каде што стотици Иранци се собраа да ја одбележат годишнината од смртта на Сулејмани.
Некои ирански новински агенции јавија дека најмалку 50 луѓе се ранети.
„Нашите тимови за брз одговор ги евакуираат повредените. Но, толпата ги блокира патиштата“, изјави за државната телевизија Реза Фалах, шеф на Црвената полумесечина во провинцијата Керман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Бугарија бара одговор: Три месеци чекаме РСМ да одлучи дали ќе работиме или само ќе разговараме за Коридорот 8

До денес, Коридорот 8 зависи од желбата и политичката волја на Република Северна Македонија. Испративме договор таму за единственото нешто што ни е заедничко – тоа е тунелот, кој е веднаш до границата.
Овој тунел е на некој начин „преполовен“ од самата граница на два речиси еднакви дела – половина е на територијата на РСМ, другата половина е на бугарска територија.
Ова го изјави бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов за БТВ.
„Веќе склучивме договор со РСМ дека ќе управуваме заеднички. Договорот е склучен одамна. Новиот договор сега е готов и е испратен до РСМ, но се чека нивното одобрување на текстот. Сепак, овој нов договор чека на одобрување веќе три месеци. Затоа денес ги собравме сите дипломати кои се претставници на земјите од ЕУ и НАТО – бидејќи ова е коридор долж НАТО, почнува од Италија и поминува низ Албанија, Северна Македонија и Бугарија, и стигнува до брегот на Црното МореЕ“, објасни Караџов, пишуваат бугарските медиуми.
„Ако дојдат да го потпишат договорот, или ако ние одиме во РСМ да го потпишеме, ќе има Коридор 8. Денес ги замоливме амбасадорите да извршат притисок и да разјаснат дали РСМ ќе го потпише новиот договор, за да биде јасно дали ќе работиме на Коридор број 8, или само ќе разговараме, додаде бугарскиот вицепремиер.
Свет
Медведев до Мерц: „Размисли двапати нацисту“

Заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, го нарече новиот германски канцелар, Фридрих Мерц, нацист поради, како што рече, идејата за напад на Кримскиот мост, пренесуваат светските агенции.
Тој го изрази ова мислење на платформата X.
„Кандидатот за канцелар Фриц Мерц е прогонуван од сеќавањата на неговиот татко кој служел во Вермахтот на Хитлер. Сега Мерц предлага напад на Кримскиот мост. Размисли двапати, нацисту!“ – напиша рускиот политичар.
Претходно, лидерот на германските конзервативци, Фридрих Мерц, кој треба да биде на чело на новата германска влада во мај, дозволи испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ во Киев под услов трансферот на ова оружје да биде договорен со партнерите во Европската Унија.
Тој истакна дека украинската армија е во одбранбен режим, но, според него, треба да има способност да ги напаѓа снабдувачките патишта на руските сили. Во овој контекст, тој особено го спомена Кримскиот мост, пишува руската агенција Тасс.
Киев долго време бара од Берлин ракети „Таурус“. Се сметаат за аналогни на британските „Storm sedou“, кои веќе се испорачани во Украина, но дострелот на германско-шведските ракети е поголем.
Како што потсети рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Организацијата за колективна безбедност на 28 ноември 2024 година, Москва постојано предупредуваше дека употребата на западно оружје со долг дострел на руска територија би значела директно вклучување на НАТО во конфликтот.
Свет
Синот на Нетанјаху со навреди кон Макрон, израелскиот премиер се дистанцира од објавата

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обиде да се дистанцира од објавата на неговиот син Џаир, кој упати тешки навреди кон Емануел Макрон, откако францускиот претседател изјави дека Париз би можел да признае палестинска држава во наредните месеци, пренесуваат медиумите во регионот.
Нетанјаху се дистанцираше од изјавите на својот син, наведувајќи дека таков стил на изразување е „неприфатлив“ за него.
„Ј…и се! Да за независноста на Нова Каледонија! Да, за независноста на Француска Полинезија! Да, за независноста на Корзика! Да, за независноста на Баскија! Да, за независноста на Француска Гвинеја! Запрете го неоимперијализмот на Франција во Западна Африка“, напиша синот на Нетанјаху претходно во објава на платформата X.
Во обид да се дистанцира од објавата на својот син, израелскиот премиер напиша на истата социјална мрежа дека стилот на кој зборувал бил „неприфатлив за него од страна на неговиот Џаир“, објави „Тајмс оф Израел“.
„Го сакам мојот син Џаир, вистински ционист загрижен за иднината на земјата. Како и секој граѓанин, и тој има право на свое лично мислење, иако стилот на неговиот одговор на твитовите на претседателот Макрон во кои се повикува на воспоставување палестинска држава е неприфатлив за мене“, напиша Нетанјаху на хебрејски на платформата X.
Нетанјаху рече дека Макрон прави „страшна грешка“ со тоа што „продолжува да ја промовира идејата за палестинска држава“, за која рече дека има амбиција да ја „уништи државата Израел“.
Во објава на платформата X, на која Џаир Нетанјаху одговори, Макрон рече дека ставот на Франција за конфликтот во Газа е јасен и дека Париз го поддржува мирот, безбедноста на Израел и создавањето палестинска држава без Хамас.
Бенјамин Нетанјаху потсети дека ниту палестинското милитантно движење Хамас, ниту меѓународно признатите палестински власти не ги осудија злосторствата од 7 октомври 2023 година, кога, според израелските власти, повеќе од 1.200 луѓе беа убиени, а повеќе од 250 беа киднапирани во нападот на Хамас врз јужен Израел.
„Нема да го ризикуваме нашето постоење за неповрзани илузии и нема да прифатиме морални проповеди за воспоставување палестинска држава што ќе го загрозат постоењето на Израел од оние кои се противат на доделувањето независност на Корзика, Нова Каледонија, Француска Гвајана и други територии“, рече Нетанјаху.