Македонија
Маричиќ на средба со Агелер: Посветеноста на остварувањето на европската агенда со нашите стратешки партнери е од интерес на сите граѓани

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес, оствари средба со амбасадорката на САД во земјата, Анџела Агелер, со која разговараше за соработката со САД како наш стратешки партнер во областите поврзани со европските реформи и за можностите за насочување и зајакнување на соработката во реализација на националните стратешки приоритети.
Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и силен сојузник на европскиот пат на нашата држава, ние сме благодарни за континуираната политичка и економска помош, истакна Маричиќ.
Посветеноста во остварувањето на европската агенда со нашите стратешки партнери е од интерес на сите граѓани на Северна Македонија, регионот на Западен Балкан, Европа и светот. Глобалните случувања бараат посветување внимание за одржување стабилен регион и цврсто партнерство на Западен Балкан.
Вицепремиерот Маричиќ и амбасадорката Агелер на првиот состанок годинава разговараа за областите што се приоритетни и за кои е потребно продолжување на поддршката од САД во насока на спроведување на европските реформи.
„Поддршката на САД е од исклучително значење за нас и за регионот и со продолжување на цврстото партнерство градиме стабилност за сите граѓани во Северна Македонија“.
Агелер и Mаричиќ разговараа за следните чекори во претстојниот период, кои ја засегаат политичката одговорност, и вложувањето во реформите по изготвените патокази за владеење на правото и реформа на јавната администрација, кои во согласност со преговарачката рамка за Северна Македонија, усвоена од Советот на ЕУ, на 18 јули 2022 година претставуваат одредници за отворање на Кластерот 1, Фундаментални вредности.
На состанокот беше истакната важноста од користењето на моментумот за приближување на државата кон ЕУ и партнерството од САД фокусирано да обезбеди поддршка за промовирање просперитетна, добро управувана и стабилна Северна Македонија, посветена на евроатлантската интеграција.
Вицепремиерот Маричиќ и амбасадорката Агелер се согласија дека во време на силна поддршка од САД и Европската Унија за нашата држава и регионот на Западен Балкан исклучително важно е да се преземат сите потребни мерки за користење на моментот и спроведување на планот за раст, со кој со помош на сите геостратешки партнери на Северна Македонија ќе се обезбеди поголема соработка помеѓу земјите од регионот во насока на обезбедување стабилност, економски раст, особено важен за регионот, и услови за непречено спроведување на зацртаните реформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Време е за ресетирање на правосудниот систем

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Сопиште, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Тој се осврна на темата за правдата во државата, а го потенцираше правосудниот систем кој според него, треба да биде непристрасен, да има судии кои судат според законот, процедури кои ќе ја вратат довербата, а додаде и дека правдата не смее да биде привилегија на малкумина.
Како што вели Мицкоски, постојат кочници кои се вградени во институциите на државата и функционираат како длабока држава во државата.
„Многу ме прашуваат изминатиов период, зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Тоа е нешто кое што претставува и за сите нас болка, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти коишто се уште, претставуваат последните бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, затоа што инсталациите таму, и покрај десетиците би рекол, повеќе од стотина пријави кои што доаѓаат од надлежните институции, поткрепени со докази не ги процесуираат, туку ги држат во фиока. Но после овие локални избори, ќе се навратиме и на таа тема“, кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека е време за ресетирање на системот, со цел да се изгради држава на правда, а во истата таа држава на правда правосудниот систем мора да биде непристрасен и непокорлив.
Како што кажа тој, здравствениот систем ќе биде столб на државата, со достапни лекови, модерни болници и стручен кадар.
,,Моментот што го чекале генерации е пред нас време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефикасна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем е биде столб на оваа држава — модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената “, рече Мицкоски.
Мицкоски ги потенцираше кочниците кои се вградени во сите институции и го кочат напредокот на граѓаните, затоа што истите функционираат како длабока држава, низ мрежи кои се шират низ сите институции, а понекогаш дури и низ етничките заедници.
,,Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат работата на државата, кочници што се вградени во институциите, што делуваат тајно или откриено, и тие ја претставуваат во суштина длабоката држава во државата“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Утре сончево време со локална облачност

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.