Македонија
(Видео) Јаневска: Погрешните политики на ДУИ и СДС во овие седум години резултираа со уништено образование
Погрешните политики на власта на СДС и ДУИ овие седум години резултираа со уништено образование, а бомбастично најавените реформи завршија неуспешно, оцени претседателката на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска.
„Националната платформа, која никогаш не се стави во функција, одложениот почеток на учебните години, промената на наставните содржини, со интеграција на предмети, па сѐ до т.н. дигитализација, која значеше укинување на учебниците како основно средство за едукација… На ден пред официјалниот почеток на училишната година образованието, кое е клуч за креирање и одржување на државата, беше во фаза на тестирање. Родителите, учениците и наставниците – најзасегнатите, а и Синдикатот за образование, наука и култура, алармираа на мнпогубројни недостатоци, надлежните бараа трпение. Власта на Ковачевски и Ахмети правеше многубројни експерименти, а почетокот на секоја учебна година беше проследен со скандали“, рече Јаневска.
Потсети дека учениците што немаа услови да ја следат онлајн-наставата беа насочени кон скратена наставна програма на националните телевизиски канали и учење од скрипти.
Новите т.н. реформи за воведување дигитални учебници останаа без дигитални учебници, а учениците и без хартиени учебници, што предизвика дискриминација меѓу најмладите, вели таа.
„Само оваа година од 123 учебници за основно образование, недостигаше една третина затоа што надлежните фаворизираа и се фокусираа на изборот на фирма за печатење, а не на квалитетот на учебниците и времетраењето потребно за нивна подготовка и печатење. Да потсетиме, Албанија на исток, Бугарија на запад, збир на агли во триаголник од 190 и 200 степени и слично. Надлежните се правдаа дека немале автори, немале рецензенти и средства за печатење на учебниците. Потоа немаа средства ниту за печатење свидетелства, кои учебниците не ги добиваа навреме и се запишуваа во средно училиште со пусулчиња потпишани од директорот“, изјави Јаневска.
Како што додаде, Македонија во сите овие години остана на дното според резултатите од ПИСА-тестирањето и од година на година добиваме сѐ полоши и пократастрофални резултати. Ова, секако, вели Јаневска, е резултат на работата, односно неработата на неспособните кадри, кои беа на чело на институциите и ова е резултат од непромислените и насила направени промени во образовниот систем во изминатите седум години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

