Македонија
Распишана потерница по поранешниот заменик-директор на УЈП, Исмет Гури
Распишана е потерница по поранешниот заменик-директор на Управата за јавни приходи, Исмет Гури.
Гури не бил пронајден од полициски службеници на адресата на која издржувал домашен протвор.
Против Исмет Гури, заедно со Ејуп Алими, се водеше и случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал, во кој Судот по повтореното судење минатата година им изрече неправосилни затворски казни од по три години и шест месеци. Обвинението за „Титаник 3“ беше отворено во 2017 година од поранешното СЈО. Се товареа за делото уништување изборен материјал, односно дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир. Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити се придружи на Демократско движење.
Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, е вплетен во организирана шема за правење и даночна измама. Тој е третоосомничен за сторено злосторничко здружување, перење пари, даночна измама, од вкупно 15 лица, кои биле под истрага. Одговараат за злосторничко здружување, како и перење пари. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Гури и другите обвинети, меѓу кои е неговиот син, парите ги добивале преку генерирање фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи, каде што бил вработен функционерот на ДУИ. Во тоа време Гури е раководно лице во УЈП. Освен основачи на фирми, има и вработени во УЈП и Министерството за финансии. Целата шема била фиктивно да враќаат ДДВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.

