Македонија
Денес цело Скопје гори, српската окупација ни ја донесе оваа традиција, вели Георгиевски

Поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски се огласи на Фејсбук и вели дека пред 30 години само во Мичурин се палел коледарски оган.
„Пред трисет години само во Мичурин се палеше оган дури и се сеќавам кога прв пат почнаа со огнот. Денес цело Скопје гори. Го девалвираме Скопје како главен град. Се девалвираме како урбана средина,како народ“, пишува Георгиевски на Фејсбук.
Додава дека „српската окупација ни ја донесе оваа традиција. Само што Белград не гори, отидоа напред, а ние уште сме таму каде не оставија!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски: Започнуваме со изработка на нова унифицирана постапка за поставување на урбана опрема за сите општини

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со заменик министерката Калтрина Зеколи Шакири, денеска остварија работна средба со претставници на ЗЕЛС.
На средбата се разгледуваа можностите за воспоставување на законско доуредување на постапката за поставување на урбана опрема, односно можноста за изработка на нов Правилник со кој ќе се уредува постапката за поставување на урбаната опрема.
Имајќи предвид дека поставувањето на урбаната опрема со сегашните прописи не е унифицирана и секоја општина самостојно ја уредува оваа постапка, сега преку ново решение се очекува да се изготви единствена постапка за поставување на урбана опрема која ќе важи на целата територија на државата.
Работната група составена од претставници од Министерството за транспорт како и претставници од ЗЕЛС, во следниот период заеднички ќе работат на подготовка на прописите и во еден разумен рок се очекува да биде изготвен и нов Правилник за оваа намена.
“Владата и министерството за транспорт гледа на општините како рамноправен партнер во креирање на законски решенија посебно во делот на градењето и градежното земјиште. Ова е пример како полесно и во интерес на општеството ги решаваме сите предизвици кои се на товар на општините. Очекувам дека ќе најдеме заеднички интерес и ќе креираме постапки кои ќе бидат унифицирани за сите општини и на тој начин полесно да ја регулираме и оваа дејност”- истакна вицепремиерот Николоски по средбата.
Македонија
Истрага за 43 лица за измами со брзи кредити: осомничен и службеник во ФЗО

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека поведува постапка против вкупно 43 лица, кои со разни дејства на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со брзи кредити.
За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, според соопштеното е поведена истрага за кривични дела – фалсификување исправа од член 378, злоупотреба на лични податоци од член 149, компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, а другите се опфатени во постапката со поединечни дејства на помагање и соизвршителство во секој од случаите одделно.
Во текот на предистражната постапка Обвинителството во координација со МВР – СВР Скопје обезбеди обемен доказен материјал дека почнувајќи од јули 2022 година, користејќи разни модалитети на извршување, осомничените со умисла вршеле временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување исти дела. Притоа користеле исти трајни односи, исти услови и слични околности, а крајната цел им била да прибават за себе имотна корист.
Така, некои од осомничените, спротивно на условите утврдени со законот и без согласност на граѓаните, користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина друштва за брзи кредити, како и со фалсификување електронски потписи, без знаење на оштетените, на нивно име зеле кредити создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.
Други, пак, од осомничените лажирале податоци за вработување невработени лица прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари, кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО, број што претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот.
Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од разни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами.
Незаконски прибавената имотна корист од сите вакви дејства во вкупен обем надминува три милиони денари.
Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за тројца од осомничените опфатени со наредбата за истрага, а четвртиот веќе се наоѓа во притвор во постапка за друго кривично дело, информира Обвинителството.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче беше фатен жив во шема за земање провизија за вакцини во аферата „Стабри“, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка

Венко Филипче беше фатен жив во шема за земање провизии за вакцини за „Ковид“ во аферата Стабри, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка, побара Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче сакаше да набави кинески вакцини против „Ковид“ во ек на кризата преку фирма регистрирана за тргување со банани и јужно овошје. Оваа фирма со име „Стабри“, е формирана само 3 месеци откако СДС дошле на власт во 2017 година. Коинциденција или не?
Филипче како министер сакаше да ги купи вакцините преку „Стабри“, по цена од 62 долари, во услови кога другите држави ги купуваа по најмногу 30 долари. 200.000 вакцини кои Филипче сакаше да ги набави, ќе беа платени 6 милиони долари поскапо“.
Според него, за тоа каде требаше да завршат овие 6 милиони долари, Филипче и ден денес молчи.
Овој сериозен криминал во обид како што оценува, беше спречен единствено со огромниот медиумски притисок и притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и јавноста.
За Манасиевски, тоа што „овој криминал во обид беше спречен, не е олеснителна околност за Филипче како политичар, кој мора да одговори:
Каде требало да завршат 6 милиони долари од набавката на вакцините? Дали фирмата Стабри има врски со СДС и него лично, со оглед на тоа дека е формирана само 3 месеци, откако тие дошле на власт?“
Оваа афера, истакнува тој, покажува дека Венко Филипче нема кредибилитет. Додава дека ова е доказ за што се бори Филипче и зошто е во политиката.
Филипче, оценува тој, се надева на власт и на можност повторно да прави вакви шеми.
„Венко Филипче е без кредибилитет и прочитан од народот. Венко Филипче веднаш да си поднесе оставка“, бара Манасиевски.