Македонија
Нема доволно докази, велат од Кривичниот суд за одлуката упаѓачите во М-НАВ да завршат со мерки за претпазливост
Кривичниот суд ја објаснува одлуката на осомничените за упадот и нападот во М-НАВ да им определи мерки на претпазливост, откога Обвинителството побара притвори. Од тука велат дека Обвинителството не им доставило доволно докази за делото кое на осомничените им се става на товар, а истовремено судот посочува дека во истрагата се опфатени 8 лица, а само 4 во моментот биле присутни.
По реакциите во јавноста, од Кривичниот суд тврдат дека постапуваат врз основа на приложените докази и слободно судиско убедување.
Велат дека е неспорно оти се работи за настан кој од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица.
„Потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица“, велат од судот.
Понатаму додаваат дека законското битие на кривичното дело од член 303 став 2 од КЗ, кое им се става на товар е дека:
„Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“,
Во конкретниот случај, велат од Кривичен, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќа.
Имено од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Воедно мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата – Томислав Тунтев, велат од судот.
Заклучуваат дека самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело.
Меѓутоа, според доставените докази произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контектст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање. Па заради тоа, се со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан кој се случил на 04.01.2024 година, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид.
„По добиената жалба од ОЈО Скопје за изречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката“, велат од судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

