Македонија
Џафери: Празникот повторно да ги собере околу себе семејствата, пријателите, соседите и познаниците за дружење
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, од име на пратениците и од свое лично име, упати честитки по повод големиот христијански празник, Христовото раѓање – Божиќ, со желби празникот повторно да ги собере околу себе семејствата, пријателите, соседите и познаниците за дружење, споделување среќни мигови и заедничка трпеза.
„Нека празникот, со сето свое волшепство рефлектира топлина во овие зимски денови, нека ги грее срцата со човештво, солидарност, взаемна почит и разбирање меѓу сите граѓани, и меѓу оние што го слават овој голем празник, и меѓу оние што изразуваат почит кон него. Важно е да се споделува благородна мисла, убава желба и топла прегратка. Сите имаме потреба од зборови на поддршка кои даваат мир и спокој во душата и домовите, кои даваат надеж и верба во подобро утре и кои влеваат оптимизам дека новата година ќе донесе убави и позитивни вести за нашата земја. Да се сплотиме, да бидеме креатори на сигурната иднина за нашата младина, за нашата земја! Предизвиците кои стојат пред нас можеме да ги надминеме само заедно и единствени, со јасна цел пред себе. Само тогаш е гарантиран успехот и постигнувањето на зацртаните определби, на успешна, напредна и европска Република Северна Македонија!
Бидете живи, здрави и спокојни!
Среќни Божиќни празници!“, се вели во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

