Регион
„Никогаш повеќе нема да го направам тоа!“: Филипинец дошол да готви во Загреб, па направил фатална грешка за 700 евра
Како 10.000 негови сонародници, тој дошол во Хрватска да го пополни недостатокот на работна сила и да си обезбеди месечна плата за себе
Филипинецот Џереми Џ.Г. (26) е професионален готвач кој, како и 10.000 негови сонародници, дошол во Хрватска за да го пополни недостигот од работна сила и да си обезбеди месечна плата. Но, покрај легалната работа во Загреб, каде што се вработил, решил да обезбеди дополнителен приход со криумчарење илегални мигранти, пишува „Јутарњи“.
Ова е еден од ретките случаи ког некои од легалните работници од далечните земји во Хрватска решиле да криумчарат мигранти, но само потврдува колку е активна и капиларна мрежата за криумчарење во таа земја. Лани на хрватските патишта биле уапсени 1.880 шверцери на луѓе, што е двојно повеќе во однос на претходната година. Во тоа „друштво“ е само секој трет граѓанин на Република Хрватска, додека останатите се странци.
Џереми бил фатен на 1 септември минатата година околу 21 часот и 30 минути во Боричевац, во реонот на општина Доњи Лапац, каде со шкода октавија со загрепски ознаки превезувал тројца Кинези и еден Пакистанец, кои немале документи и влегле во Република Хрватска илегално од Босна и Херцеговина. За тоа требало да добие 700 евра.
Тој е уапсен, а во меѓувреме против него е поднесен обвинителен акт.
На сослушувањето тој се покајал и ветил дека никогаш повеќе нема да го направи тоа. Тврди дека не бил свесен дека се занимава со нешто незаконско. Тој вели дека работата за превоз на луѓе му ја договорил пријателот Лука, кој му дал контакт на лице од Босна, а тоа лице му ја испратило локацијата каде што ги земал луѓето.
– Не знаев дека се работи за илегални мигранти, иако бев збунет кога излегоа од шумата до локацијата. Но, не обрнав премногу внимание на тоа, ме интересираше само да заработам, требаше да добијам кеш во Загреб за завршен превоз. Направив голема грешка што му дозволив на мојот пријател да ми зборува на вакво нешто – се правда Филипинецот.
Следува неговото судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

