Свет
Блинкен: САД се против присилното раселување на Палестинците

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, денеска го увери јорданскиот крал Абдула дека Вашингтон се противи на принудното раселување на Палестинците од Газа или окупираниот Западен Брег, надевајќи се дека ќе почнат разговори за иднината на Газа.
Кралот на состанокот ја искажал загриженоста на Јордан за раселувањето, соопшти палатата, додека Израел ја продолжува својата воена кампања која доведе до рушевини голем дел од Газа и ги остави нејзините 2,3 милиони жители на работ на глад, според хуманитарните работници.
На состанокот со кралот Абдула во Аман, Блинкен „го нагласи американското противење на присилното раселување на Палестинците од Западниот Брег и Газа и критичната потреба да се заштитат палестинските цивили на Западниот Брег од насилството на екстремистите на доселениците“, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Повеќето жители на Газа се раселени поради конфликтот, а насилството се разгоре и на Западниот Брег, вклучувајќи го и смртоносниот судир во градот Џенин во неделата.
Кралот му рекол на Блинкен дека Вашингтон има главна улога во притисокот врз Израел за итен прекин на огнот и предупредил на „катастрофалните последици“ од продолжувањето на војната во Газа, која започна кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и зеде 240 заложници.
Блинкен е на турнеја низ регионот поради зголемените стравувања дека израелската офанзива против палестинските милитанти Хамас во Газа ќе предизвика поширок регионален конфликт.
Блинкен пристигна во Јордан доцна во саботата и се состана со кралот Абдула во неделата, а потоа отпатува за Катар на средби со емирот Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани и премиерот Мохамед Бин Абдулрахман ал-Тани, кој исто така е министер за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.