Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта предводена од СДС и ДУИ реди скандали, најголемиот од кој можеше да има смртни последици е упадот во македонска навигација
Власта предводена од СДС и ДУИ на почетокот на 2024 година продолжи да реди скандали. На дневна основа продуцираат по неколку скандали. Вака власта на СДС и ДУИ ги исполнува европски стандарди, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Можеби најголемиот скандал од кој можеше да има смртни последици е упадот во македонска навигација, клучен објект. Додека контролорите на летање беа на своите работни места и го контролираа и управуваа воздушниот сообраќај, група на тепачи предводени од функционерот Беким Незири ги нападна. За директорот на М-НАВ тоа било кошкање меѓу вработени кои се знаат дваесеттина години. За судот нема докази за да се одреди мерка притвор.
На 5 јануари го пуштија да избега Исмет Гури. Полициските службеници не го најдоа Гури, поранешен заменик директор на УЈП и функционер на ДУИ во својот дом каде беше во куќен притвор. Гури е еден од осомничените во истрагата која се води против 15 лица кои се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари, за кои обвинителството објави минатата година.
На стартот на годината власта предводена од СДС и ДУИ им упати честитка на граѓаните, ја покачија цената на струјата. Или според пресметките граѓаните ќе плаќаат поскапи сметки и за околу 400 денари.
Се раскина договорот за изградба на Чебрен. Причина за ова е што Владата на СДС и ДУИ неколку пати ја менуваше одлуката за изградба на хидроцентралата. За ова ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше повеќе пати, но за Владата тоа беше ширење лаги.
За неколку дена на почеток на годинава беа распишани неколку огласи за вработувања во државни институции или станува збор за речиси 150 вработувања. Власта предводена од СДС и ДУИ на само неколку денови до избор на нова техничка влада ги вдомува своите партиски војници“, велат од опозициската партија.
Според нив, владата на СДС и ДУИ продолжи со лагите, се фали со покачена минимална плата, а молчи за намалениот животен стандард на граѓаните.
Потсетуваат дека Али Ахмети во Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби го славеше својот роденден, се пееше и свиреше.
Секој ден граѓаните сведочат на лагите и манипулациите, како скандали на Владата предводена од СДС и ДУИ.
Во Македонија никогаш не било полошо, додаваат од партијата на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

