Регион
Тричлено семејство трет ден заробено во пештера во Словенија: во тек е тешка операција

Тричлено семејство и двајца водичи ја поминаа ноќта во пештерата Крижна јама, каде што беа заробени трет ден. Спасувачите денеска повторно ќе се обидат да ги спасат, а бидејќи во текот на ноќта водата се повлекла, изгледите за спасување се добри.
За време на нивната саботна екскурзија, пештерата се наполнила со вода поради обилните дождови, па не можеле да се вратат. Како што доцна синоќа за „N1“ Словенија изјави шефот на спасувачката служба, Валтер Закрајшек, спасувачките екипи денеска околу 9 часот повторно ќе се спуштат во пештерата. Ако се биде во ред, тие ќе бидат спасени околу четири до пет часот попладне.
„Излегувањето од пештерата нема да биде лесно, ќе мора да испливаат дел од патот. Сепак, во текот на ноќта водата се повлекла, па изгледите за спас се добри“, пишува „N1“.
Вчера, како и во саботата, спасувачките екипи успеаја да стигнат до пет заробени лица во пештерата, потребни беа добри осум часа да стигнат до нив и да се вратат од пештерата. Сепак, нивото на водата во пештерата сè уште беше превисоко за безбедно да ги вратат на површината.
Утрото, пренесува медиумот, донесе добра вест бидејќи водата во пештерата се повлекла во текот на ноќта. Уште во осум часот наутро до првиот сифон можеше да се стигне со брод, што е добра перспектива за спасување на заробените во пештерата. Нуркачите на пештерската спасувачка служба и нуркачите на единицата за брза интервенција на Дирекцијата за заштита и спасување според последните информации се подготвуваат за влез во пештерата.
Шефот на Спасувачката служба Валтер Закрајшек синоќа околу 22 часот и 30 минути изјави дека заробените се во добра психичка и физичка состојба.
„Имаат греалки и чекаат водата да падне толку многу за да можат да излезат од пештерата“, изјави Закрајшек за „N1“ и објасни дека, „ако имаат среќа, денеска ќе успеат да ги извлечат заробените луѓе од пештерата”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Од топлотен бран до бури: силно невреме во Солун и на Халкидик

Силното невреме што го погоди Солун во четвртокот наутро предизвика проблеми кај населението.
Обилните дождови ги претворија главните патишта во реки, а локалните извештаи покажуваат дека шахтите пукнале под притисокот на водата, објавува „Товима“.
Πλημμύρισε το κέντρο της Θεσσαλονίκης και οι δρόμοι γύρω από το Βαρδάρη#tanea #taneagr #news #rain #βροχη #kairos #καιρος #weather #thessaloniki #skg #viral #summer #fyp pic.twitter.com/eYTi1EDe7y
— TA NEA (@ta_nea) July 31, 2025
Мотоциклист е повреден кога изгубил контрола на лизгава улица во центарот на градот, поточно на прометната авенија Цимиски.
Според анализите на феноменот преку страницата Weather Analysis на „Фејсбук“, за помалку од еден час се забележани 37 литри дожд на квадратен метар, количина што одговара на просечните вкупни врнежи од дожд за цел јули, пренесува медиумот.
Службите за цивилна заштита се во состојба на готовност бидејќи слични временски услови се очекуваат и во наредните денови според прогнозите, објавува grtimes.gr.
Обилни врнежи од дожд се регистрирани во Солун, на Халкидик и во Кукуш, како и на планинските делови во Епир, Тесалија, Спорадиските Острови и во некои делови од Тракија.
Фото: принтскрин
Регион
Хрватска е подготвена да прифати деца од Газа

Хрватска ги отвора вратите за децата од Појасот Газа, објави Министерството за надворешни и европски работи, со акцент на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи, објавија хрватските медиуми.
„Република Хрватска ќе ги отвори вратите за децата од Газа на ист начин како што ги отвори за децата од Украина фокусирајќи се на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објави денес Министерството.
Во соопштението се нагласува дека Хрватска има искуство во ова од татковинската војна и дека има меѓународно признато знаење за дејствување против мини.
Министерството пишува дека државата е подготвена да прифати деца доколку се појават можности, за што верува дека ќе се појават, и нагласува дека континуирано спроведува проекти поврзани со украинските деца, од кои речиси 700 се згрижени во Хрватска преку јавен повик.
Планот го објави државниот секретар на Министерството за надворешни работи за политички прашања, Франо Матушиќ, на меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување решение за две држави во седиштето на ОН.
Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин