Македонија
Ковачевски прифаќа до септември да се продолжи рокот за нови документи: Претседателот може да се чуе со претседателката на Грција
Владата на седница ќе ја разгледува можноста за пролонгирање на рокот за вадење нови патни исправи со Северна во името на државата, како што предлага претседателот на државата, Стево Пендаровски. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе се консултира со двајцата министри, со кои разговарал претседателот Пендаровски, за можноста за законски измени во меѓународниот договор, но посочи и дека и претседателот може да помогне во процесот.
„За мене се добри сите предлози што може да унапредат нешто. Верувам дека и претседателот може да се чуе со претседателката на Грција бидејќи сепак и тоа е нивото на кое може да се комуницира. Ќе поразговараме на седница на Владата во однос на можноста ова да се направи. Претседателот најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на преспанскиот договор, при зачленувањето во НАТО, беше координатор за НАТО, веројатно има повеќе детали како би можело тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција и зошто да не“, рече премиерот Ковачевски на денешното свечено отворање на новата поликлиника во Сарај.
Ковачевски нагласи дека обврската за нови документи произлегува од меѓународен договор, кој овозможи да станеме членка на НАТО, таа обврска е законски регулирана во Собранието и на сите им е добро позната во текот на изминатите години. Владата овозможила олеснување на процесот за вадење нови документи со дополнителните пунктови што ги отвори МВР, но очигледно е, за Ковачевски, дека нивниот број треба да се зголеми.
„Еве, претседателот Пендаровски каков предлог има, да видиме дали може да бидат направени тие законски измени бидејќи да направите законски измени без согласности на сите што се потпишани, а се работи за меѓународни документи, не би било така едноставно и прашање е колку би било применливо. Еве сега сепак ќе се обидеме со сè“, вели премиерот Ковачевски.
Претседателот Пендаровски, вчера, во телевизиско интервју на „Сител“ посочи дека законскиот рок 12 февруари за вадење на новите документи со законски измени за еден ден може да се смени и да се пролонгира до септември поради големиот метеж на пунктовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

