Регион
Вучиќ: Го сочувавме образот во односите со Русија
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека односите меѓу Србија и Русија се „многу добри, но дека секогаш може повеќе“, оценувајќи дека Белград успеал да го сочува образот и во тешки услови без да го наруши „традиционалното пријателство и братство“ на двете земји и народи.
Вучиќ денеска без вообичаената официјална најава, ја посети Руската куќа во Белград, која е центар на културните настани и манифестации на Русија во Србија.
„Убеден сум дека во иднина ќе имаме сила да изградиме уште подобри односи“, напиша Вучиќ во книгата на впечатоци.
Во тешки услови успеавме да не го згазиме својот образ, изјави Вучиќ, посочувајќи дека Србите и Русите имаат „традиционално пријателство и братство“. Запрашан да ја коментира изјавата на шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон, кој го нарече „руски полномошник“, Вучиќ рече дека е разочаран од таа изјава и дека Србија е суверена и независна земја и дека тој е „ничиј прокси“, ниту руски ниту американски.
Тој додаде дека е разочаран и од изјавата дека Србија ќе го дестабилизира регионот.
„Очигледно е дека на многумина им пречите кога имате своја политика и кога таа политика не е послушна. Ние ќе имаме своја независна политика, дури и кон Руската Федерација“, рече Вучиќ.
Србија упорно избегнува да се приклучи кон меѓународните санкции против Русија по нејзината инвазија на Украина, иако ги поддржа декларациите и резолуциите во ОН кои го нагласуваат територијалниот суверенитет и интегритет на земјата.
Амбасадорот на Русија во Белград, Александар Боцан Харченко, истакна дека руската страна е задоволна од соработката, истакнувајќи дека има напредок во 2023 година.
„Ќе одиме понатаму, нема никакви пречки“, изјави Боцан Харченко. Русија, додаде тој, никогаш не бара земјите партнери, па дури и братски земји како Србија, да се претворат во проруска земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ се огласи за штрајкот со глад на Весиќ: Министерот во оставка одбива храна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по посетата на штандовите на саемот за вино пред новинарите се изјасни за штрајкот со глад на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во заминување, Горан Весиќ.
Вучиќ рече дека му е жал поради тоа.
– Жал ми е поради тоа, ако можам на кој било начин да стапам во контакт со него, ќе го замолам да не го прави тоа. Тоа е се што можам да кажам – рече претседателот.
Српеските медиуми потсетуваат дека Горан Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија пет дена по трагедијата во Нови Сад.
Откако вчера излезе веста дека министерот во оставка Весиќ е меѓу 11-те уапсени за падот на настрешницата, тој на својот Фејсбук профил
објави:
„Не бев уапсен, доброволно се одзвав на повикот на полицајците со кои дојдов во Нови Сад и се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад.
Секогаш, како и досега, ќе бидам на располагање на надлежните органи и ќе докажам дека не сносам никаква кривична одговорност за овие трагични настани.
Адвокатската канцеларија што ме застапува во овој случај ќе комуницира со јавноста и медиумите за понатамошниот развој на настанот“, рече тој.
Регион
Падна снег, дува силен ветер: делови од Хрватска без струја, автопатот затрупан
Снег паѓа во Горски Котар и Лика и во делот на континентална Хрватска – од Загорје, Меѓумурје до Славонија. Силен ветер дува на Јадранот, во Риека ветерот урива дрвја и телефонски столбови.
Поради снегот, во Горски Котар и Лика во моментот нема слободен патен правец од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно за камионите со приколки и сите други возила што немаат зимска опрема.
Поради ветерот, на автопатот А7 Рупа – Крижишќе сообраќајот е забранет за автобуси, мотоцикли и возила со камп-приколки.
Регион
Силен земјотрес во Грција: се стресе островот Кос
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди Грција.
Епицентарот на земјотресот бил на 36 километри од градот Кефалос на островот Кос на длабочина од 104 километри.
Засега нема информации за причинета материјална штета.