Скопје
Мицкоски: Кисела Вода се менува, за еден месец ќе се објави тендер за изградба на нова детска градинка во Расадник, а Драчево ќе добие ново основно училиште
„За мене претставува особена чест што сум денеска овде присутен на почетокот на изградбата на овој објект, оваа детска градинка. Објект што ќе значи дом за стотина дечиња понатаму. Објект што ќе значи нешто во што почнуваат најмладите во својот живот да се образоваат, да се дружат, да ги минуваат своите детски години од најраната младост. И објект што ќе значи додадена вредност во квалитетот на живот на жителите во овој дел од Кисела Вода. Уште еднаш ќе ми дозволите да им честитам на градоначалникот, на советниците, претседавачот на Советот, пратеникот во Собранието, кој доаѓа од Кисела Вода, за сето она што го прават за општината Кисела Вода“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Самиот градоначалник напомена дека за еден месец од денеска најдоцна ќе се објави тендерот, како што добро слушнав, за изградба на уште еден ваков објект, детска градинка во населбата Расадник. Потоа тука е и основното училиште, кое ќе се гради во населбата Драчево.
Кога сето ова ќе се заокружи, доаѓаме до заклучокот дека најголемиот дел од програмата и повеќе од тоа што беше ветувано на изборите во 2021 година од страна на градоначалникот, администрацијата на Општина Кисела Вода ќе го реализира и испорача. И тоа заслужува честитки и пофалби.
И морам да кажам дека на овој начин само така треба да се продолжи да се гради Македонија. И така ќе ја вратиме довербата кај граѓаните“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Комунална хигиена мора да се освести ни се спрема катастрофа, вели Герасимовски
Градоначалникот Горан Герасимовски, во изјава за медиуми пред почетокот на средбата со претставниците на ЗЕЛС за хаосот со сметот во Општина Центар, но и на територија на градот Скопје потенцираше дека мора да се најде итно решение за овој проблем кој веќе ги помина сите граници на нормално живеење.

„Изминатите пет дена немаше воопшто ниту еден камион од комуналното претпријатие на територија на Општина Центар. Ние имаме дополнително изнајмена механизација, нашите хигиеничари работат во две смени за отстранување на сметот од улиците. За жал, и тоа не е доволно, искрено не е доволно. Гледаме што секојдневно се случува, немаме ингеренции да го отстрануваме сметот од самите контејнери, немаме ни таква механизација, туку го отстрануваме само сметот покрај самите контејнери. И тоа не е доволно. Дополнително, имаме кучиња скитници кои го разнесуваат целото ѓубре по улиците и ни прави дополнителен проблем на нашите хигиеничари. Но, даваме се од себе да го подигнеме нивото на хигиена на повисоко ниво. Верувам дека јавното претпријатие ќе се свести и дека во наредните денови ќе се појави низ Општина Центар и другите општини за да го тргне сметот од улиците“, рече Герасимовски.

Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во центарот на Скопје
Утре во 10:00 часот поради одржување на атлетска трка во централното градско подрачје на Скопје, со траса на движење од паркот „Жена борец“ преку Камени мост, ул. „Иљо Војвода“, тротоарот на мостот „Гоце Делчев“ и по кејот на реката Вардар и обратно, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Иљо Војвода“, пешачките површини и делот од кејот по кој ќе се движат учесниците во трката.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.

