Топ
Двегодишното девојче имало скршен череп, ребра и крвавење во мозокот – се бара притвор за таткото, кој го натепал до смрт

Обвинителството бара притвор за таткото на 2-годишното девојче од Кичево, кое загина откога било натепано.
Обвинителството објави дека за таткото е донесена наредба за спрoведување истражна постапка за убиство.
„Осомничениот 29-годишник, на 18 декември, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената ќерка родена 2022 година. Тој ѝ нанел повеќе удари со рацете и нозете предизвикувајќи ѝ тешки телесни повреди – скршена коска на черепот, крвавење во мозокот и скршеници на две ребра“, информираа од Обвинителството.
Министерството за здравство објави дека девојчето следниот ден, на 19 декември, на Ургентниот центар при Општата болница во Кичево во коматозна состојба била примена, а во болницата ја донела мајка ѝ. Поради критичната состојба, малата пациентка е препратена на Ургентниот хируршки центар во клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, а потоа префрлена на Универзитетската клиника за неврохиргија во Скопје.
По 22 дена борба за живот, детето починало од зобиените повреди на 8 јануари во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Здравствените институции, во кои беше примена и третирана пациентката, целосната документација за хоспитализацијата и третманот, ја предадоа на надлежните истражни органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари го поддржа апсењето лекари: Директорот на Геријатрија првин го разрешив, а потоа го исклучив од партијата, сите што грешат нека одговараат

Сите кои грешеле, вклучително и лекарите, треба да одговараат, смета Министерот за здравство, Арбен Таравари по вчерашната полициска акција која откри мрежа од 50 лица кои со лажни дијагнози давале туѓа нега и инвалидски пензии.
„Се случи прво една акција во Геријатрија, тој беше член на нашата партија, утредента го разрешив од директор и задутредента го исклучивме од партијата. Сите што грешат треба да одговараат. Ние не сме ниту полиција ниту Јавно обвинителство ниту ги следиме луѓето меѓутоа ги поздравувам овие акции. И јас имам информации дека има такви доктори, не се сите, не сакам да генерализирам, но таму каде што постојат сомнежи ги поддржувам со сета почит и стоиме како Министерство за здравство тука за да им помогнеме во сите вакви акции да се расчисти со криминалот и корупцијата“, рече министерот Таравари при денешната посета на кумановската болница.
Бирото за јавна безбедност вчера на територијата на повеќе градови во државава спроведе акција за сузбивање на организиран криминал и корупција во здравствениот систем. Мрежа од 50 луѓе со прикажување лажни дијагнози, овозможувале надоместок за туѓа нега и одобрувале инвалидски пензии. Во мрежата се откриени лекари, член на комисија во ПИОМ, адвокат, вешто лице и управител на консултантско биро. Претреси вчера беа направени и во здравствени ординации, адвокатска канцеларија, службени канцеларии каде работат осомничените лекари односно во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во Клиничката болница Тетово и во ЈЗУ Општа болница Велес. Против осомничените се поднесени кривични пријави за злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и овластување, помагање, примање поткуп, давање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање награда.
Македонија
Речиси третина од фирмите, чии лиценци ќе се одземаат, имаат блокирана сметка или се неактивни, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за фирмите коишто се на списокот што го објави Министерството за транспорт и врски за одземање на нивните лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање, а по спроведените контроли и трагичниот настан во Кочани.
Иако на списокот на фирми на коишто ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски има 479 фирми, всушност лиценци ќе им се одземат на 426 фирми, бидејќи на списокот има некои фирми што се повторуваат, а други на коишто им се одземаат по неколку лиценци.
Истражувањето за фирмите на коишто ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски, покажува дека на фирмите ќе им се одземаат 11 различни видови лиценци. Вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.
Истражувањето открива дека:
– Лиценци ќе им се одземат на 426 фирми, бидејќи од 479-те фирми на списокот има некои што се повторуваат, а други на коишто им се одземаат по неколку лиценци.
– На фирмите ќе им се одземаат 11 различни видови лиценци, а вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.
– За најголем дел од фирмите, лиценците што ќе им се одземат не се услов за фирмите да работат и да добиваат државни тендери.
– Во моментов, само 49 од фирмите што се на листата за одземање лиценци имаат актуелни договори за јавни набавки во вкупна вредност од 26 милиони евра.
– Сепак, само 23 фирми кои имаат важечки договор за јавна набавка всушност ќе ја загубат лиценцата којашто била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра.
– Од сите фирми на списокот, 101 има добиено тендер во последните три години, во вкупна вредност од 77 милиони евра.
– 28 % од фирмите за одземање лиценца се со блокирана сметка или се правно или деловно неактивни, а останатите фирми се активни.
– Приходи оствариле 85 % од фирмите во вкупна годишна вредност од 128 милиони евра (за 2023 година која е последната година за којашто има објавено податоци).
– Најголем дел од фирмите остваруваат ниски годишни приходи. Секоја трета (31 %) од фирмите има годишен приход помал од 15 илјади евра, додека приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 фирми, односно 8 %.
– Во сите овие фирми работат 2188 луѓе. 4 % од овие фирми немаат вработен, а 3 % имаат само еден вработен. Со повеќе од 10 вработени се само 3 % од фирмите.
Македонија
Владата ја прави премиерот, ако тој смета дека Алијансата за Албанците не му треба, ние немаме никаков проблем, вели Таравари

Министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, не сака да избрзува со носење какви било политички одлуки во овој момент. Таравари денес рече дека имаат одлука само за советничките листи на претстојните локални избори и остануваат на ставот дека во трка за албанските гласови ќе одат сами како Алијанса за Албанците, а не како дел од коалицијата „Вреди“ која ги донесе на власт. Напуштањето на коалицијата „Вреди“ за локалните избори Таравари не смета дека е причина за напуштање и на Владата, но доколку премиерот, како единствено лице што ја формира Владата одлучи дека Алијансата за Албанците не му е потребна, нема да имаат проблем со тоа.
„Напуштањето на ‘Вреди’ не мора да значи и напуштање на Владата. Владата ја прави премиерот. Јас сум разговарал со премиерот, доколку тој смета дека Алијансата за Албанците не му треба, ние немаме никаков проблем, меѓутоа мислам дека во овој момент Алијансата за Албанците му треба. Доколку донесат таква одлука, нема никаков проблем. Не може никој друг да каже, освен тој што ја формира Владата. Со него ќе се видиме, се слушаме, во комуникација сме, така што ќе видиме во следните денови. Затоа ви велам дека во овој момент треба да бидеме што порационални, да не брзаме“, рече министерот Таравари денес при посетата на кумановската болница.
Тој смета дека реакциите за одвојувањето на Алијансата за Албанците од коалицијата „Вреди“ за локалните избори не се ништо друго, освен емотивни.
„Ние како политичка партија одлучивме да излеземе со сопствени советнички листи исто како што одлучи и ЗНАМ да излезе со сопствени советнички листи, меѓутоа во меѓусебна политичка поддршка со ВМРО. Исто и ние ѝ понудивме на ‘Вреди’. Ние излегуваме со наши советнички листи, доколку сте подготвени, тука сме и јас гледам емоционални реакции од она што остана во ‘Вреди’. Овој период ние треба да бидеме многу внимателни, многу умни и да се обидеме да бидеме што порационални бидејќи се работи за политика. Јас во овој период не сакам да давам прогнози и гледам што поопрадевно да донесуваме одлуки. На крајот на краиштата ,доколку во ‘Вреди’ се одлучни во она што го кажуваат овие четири-пет дена, ние како политичка партија ќе ги видиме нашите опции за нашите кандидати за градоначалници“, вели министерот Таравари.
Министерот за животна средина, пак, и досегашен коалициски партнер на Таравари, Изет Меџити, цврство стои на ставот дека Алијансата за Албанците, освен од „Вреди“, која веќе прераснува во политичка партија, треба да излезе и од Владата оти не може и да остане дел од Владата и да преговара со ДУИ.