Македонија
(Видео) Петровска ги потпиша договорите со првата генерација стипендисти на Министерството за одбрана
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и студентите што беа примени на конкурсот за стипендирање студенти за потребите на Армијата дефинирани како критични специјалности, денеска, во Министерството за одбрана, потпишаа договори за стипендирање.
„Веруваме во младите луѓе кои се мотивирани може да бидат додадена вредност за одбраната и за Армијата. Ги мотивираме и им отвараме нови можности за личен и професионален развој. Денеска, потпишавме вкупно седум договори за стипендирање, и тоа со двајца студенти што се едуцираат во областа на географско-информациски системи, тројца на медицина и по еден на компјутерска технологија и на енергетика и екологија“, рече Петровска и додаде дека стипендирањето е во висина на процент од просечната плата во државата и изнесува од 30 проценти за студенти од прва година до 80 проценти за студентите од шеста година на студии.
Министерката потенцира дека по завршувањето на студиите, овие лица ќе бидат вработени во Армијата и ќе бидат дел од одбранбениот систем, да работат со најсовремена опрема и услови, да ги усовршат своите знаења и да ги искористат во развојот на македонската Армија и одбраната.
По потпишувањето на договорите со седумте студенти, министерката Петровска порача дека Министерството направи вистински чекори за пополнување на Армијата со кадар кој е суштински потребен, а притоа го помага и развојот на млади кадри.
„Предизвикот за пополнување со лица од критични специјалности во Армијата, Министерството го решава системски. Основа за објавата на овој оглас ни беше Законот за служба во Армијата, но исто така ќе нагласам дека и со донесување на законот за вработените во Министерството за одбрана, кој веќе е во собраниска процедура, ќе се овозможи стипендирање и вработување лица за извршување критични специјалности и во Министерството“, истакна министерката.

Петровска нагласи дека континуитетот за стипендирање и пополување кадар во Армијата и во Министерството со лица од критични специјалности ќе продолжи со една единствен цел – да ги привлечеме најдобрите.
Студентите се заблагодарија за добиената можност и за поддршката во нивното образование од страна на Министерството за одбрана и Армијата.
Дијана Кока-Џемаили, студентка на медицина, истакна дека оваа поддршка во студирањето, што им ја доделија Министерството и министерката за одбрана, се од голема помош за да си ги исполнат личните животни цели.
„Од мала воената служба и медицината беа мој сон и секако дека секоја силна држава треба да вложува во здравството, што е моја област, и во одбраната во државата. Од секогаш сакав да останам во својата земја и се надевам дека следниот конкурс повеќе студенти ќе се одлучат да аплицираат и ќе бидат истрајни во остварувањето на својата цел во својата држава. Јас, на пример, добив стипендија за студирање во Германија и ја одбив и сега сум многу горда на себе и сакам да си останам во својата држава“, истакна Дијана Кока-Џемаили.
„Огромна чест ми е што сум дел од оваа институција и верувам дека и понатаму ќе можам од мојата област да им придонесувам на мојата држава и на нашата Армија во напредување на нашата сајбер-безбедност и другите области од информатичките технологии. Оваа стипендија мене ми служи како поттик во моето унапредување како личност и подобро да го следам развојот на информатичките технологии“, рече Јован Иванов, студент на комјутерска техника и информатика.
Димитар Тануровски, студент на медицина, упати апел до своите колеги. „Би сакал да ги охрабрам и колегите на следниот конкурс да аплицираат, ова претставува прекрасна можност, се разбира, на секој треба да му биде чест да може да ѝ служи на нашата татковина“.
Конкурсот за стипендирање студенти за потребите на Армијата на Република Северна Македонија беше објавен на почетокот на ноември. На конкурсот се пријавија 11 студенти и по извршената селекцијата и физичките и лекарските прегледи, избрани се седум студенти, кои ќе се едуцираат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ и на Универзитетот Американ колеџ. Следниот конкурс за стипендирање студенти ќе биде објавен по завршувањето на изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

