Македонија
(Видео) Стојаноски: Власта бега од дебата за Законот за игри на среќа, имаат за цел да поделат лиценци на фирми блиски до Груби
Втор ден по ред претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбр Адеми ја прекинува работата на Комисијата по 30 минути со шибицарски трик.
Дава пауза од еден час, а потоа не продолжува со работа, спротивно на сите деловнички одредби, реагира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.
Јавноста, вели тој, треба да знае дека сите процедури на оваа Комисија се носат по скратена постапка, со три дена дебата, а вкупно на вториот ден од работа, оваа Комисија не работи повеќе од 60 минути кумулативно кога ќе ги соберете двата дена.
Информираше дека неговата партија ги повлекла амандманите.
„И ги извадивме на чистина со нивниот интерес, а тоа е само шверцерско протнување на овој закон кој што единствено за цел има криминални дејствија кои што треба да бидат легализирани. Вреди и да се напомене дека одбија и амандмани поднесени од мнозинството кои што за волјата на вистината имаа за цел да ги дорегулираат одредбите кои што ги регулираат издавањето на лиценци, една од најспорните одредби на овој поднесен закон за игри на среќа. Бегаат од дебатата, да не види јавноста каков криминал протнуваат“, кажа Стојаноски.
Наведе три од најспорните одредби кои што овој закон ги легализира.
„Мултиплицирањето на лиценците и давање лиценци на компании во кои што Управни и Надзорни одбори членуваат лица од Кабинетот на Артан Груби. Дозволување на онлајн коцкање, кое што коцкањето ќе го доближи во дневните соби, во училиниците и на сите места без разлика што се кријат зад одредбата дека овој закон ги одалечува коцкарниците од училиштата. И третата, една од најспорните одредби е тоа што за секој простор кој што треба да биде употребен за организирање на игри на среќа ќе треба да даде потврда министерството за финансии, повторно институција предводена од Демократската унија за интеграција“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ја повика целата меѓународна заедница да ги види сите злоупотреби кои што се случуваат во Комисијата за европски прашања од сите аспекти.
„Од почетокот на процедурата, со ставање на европско знаменце на овој закон до овој момент каде што се кршат сите одредби од Деловникот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија“ писмено ќе ги извести сите амбасади во Република Македонија за оваа злоупотреба и за овој нов криминален срам кој што се нанесува на Република Македонија“, нагласи Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП со апел за внимателно возење за Водици и продолжениот викенд
Со оглед на продолжениот викенд и претстојниот голем верски празник Богојавление – Водици, се очекува зголемување на интензитетот на сообраќајот, особено на патните правци кои водат кон туристичките места каде традиционално се одбележува празникот.
Поради зголемената фреквенција на возила, како и можните неповолни временски услови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот да постапуваат одговорно и совесно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата и заштита на човечките животи.
РСБСП потсетува на потребата од:
· почитување на сообраќајните правила и прописи,
· прилагодување на брзината на движење според состојбата на патиштата и временските услови,
· да не се управува со возило под дејство на алкохол или други психотропни супстанции,
· навремено информирање за состојбата на патиштата и временската прогноза пред и за време на патувањето,
· соодветна подготовка на возилата за патување на зимски услови и задолжително поседување на пропишана зимска опрема во возилата
· зголемена внимателност кон пешаците, велосипедистите и другите ранливи групи на учесници во сообраќајот.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас. Со одговорно однесување, почитување на правилата и прописите, меѓусебна толеранција, секој од нас може да придонесе за побезбедни патишта и зачувување на човечки животи.
РСБСП посакува среќни празници и безбедно учество во сообраќајот.
„Празнувај одговорно, пристигни безбедно – секој живот е важен.“
Македонија
Ѓорге Иванов се обрати на Меѓународен симпозиум во британскиот Парламент
Поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународниот симпозиум за културна дипломатија во организација на Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум. Настанот се одржа во Парламентот на Обединетото Кралство во периодот од 12-15 јануари 2026 година.
За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател (Deputy Speaker) на Долниот дом на Обединетото Кралство.
Иванов се обрати на сесијата „Културна дипломатија во современите меѓународни односи“ (Cultural Diplomacy in Contemporary International Relations), при што се осврна на историското значење на 1776 година како година на раѓање на политичката и економската слобода преку Декларацијата за независност и делото „Богатството на народите“ на Адам Смит. Тој истакна дека слободата не е трајно освоена придобивка, туку одговорност која бара постојана грижа, институционална доверба и активна вклученост на граѓаните. Економската слобода, нагласи Иванов, мора да биде праведна и одржлива, насочена кон подобрување на животот на луѓето, а не кон продлабочување на нееднаквостите. Во таа насока, тој посочи дека моралната и културната димензија на слободата се неопходни за зачувување на човечкото достоинство, при што културната дипломатија има незаменлива улога во градењето дијалог, доверба и меѓусебно разбирање во време на глобални поделби. Според него, токму преку културата, малите и средни држави како Република Македонија можат да ја засилат својата меѓународна видливост, да ја раскажат сопствената приказна и да обезбедат почит во меѓународната заедница.
Во рамките на форумот, Иванов учествуваше и на сесијата „Финансии, отпорност и лидерство во управувањето со современите економии“ (Finance, Resilience and Leadership in Governing Modern Economies).
На настанот учествуваа бројни истакнати меѓународни претставници и членови на двата дома на парламенот на Обединетот Кралство меѓу кои: Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН (UNAOC); Баронесата Манзила Удин, членка на Домот на лордовите на Обединетото Кралство; Ирина Бокова, поранешен генерален директор на УНЕСКО; Сенаторката Шери Рехман, поранешна министерка за климатски промени на Пакистан; Нихал Саад, директор на UNAOC; Ив Летерм, поранешен премиер на Белгија; Томас Хендрик Илвес, поранешен претседател на Естонија; Алфред Гузенбауер, поранешен канцелар на Австрија; Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан; Мохамад Штаје, поранешен премиер на Палестина; Наталија Гаврилица, поранешна премиерка на Молдавија и Младен Иваниќ, поранешен претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина.
Македонија
„Запирање на имигрантските визи од САД – стратешки шамар за домашните вазали“, велат од Левица
„Политиката на едностраното „Стратешкото партнерство“, интерпретирано преку вазалски однос кон САД, резултираше со нов шамар за слугите на империјата, реализиран преку запирање на постапката за имигрантски визи кон Македонија“, велат од Левица.
„Илузијата создавана пред граѓаните, за уживање на некаква поддршка кај т.н „стратешки партнер“, наиде на уште еден удар со суровата реалност. Најголем успех во надворешната политика на политичарите на власт, а и Владата во целост остана фотографиите од трибини или со политичари од шести ешалон на САД, кои немаат никакво влијание на односите помеѓу двете земји.
Потсетуваме дека на оваа одлука на американската администрација и претходеше воведувањето трговски маржи и царини за Македонија, по што во немоќ и коленичење, Владата на Мицкоски донесе одлука за целосно укинување на царините кон САД.
Отстапувањето од децениските позиции на државата, проследени со гласањето против укинувањето на санкциите кон Куба, поддршката на американските резолуции за Украина и поддршка на империјалистичките апетити и интервенции, како последната во Венецуела, само го руши угледот и ги загрозува позициите на Македонија во надворешната политика, без притоа да има апсолутно никаков импакт.
Мицкоски и Муцунски не можат да научат дека вазалскиот однос кон САД не е и не може да биде „стратешко партнерство“.
Ова уште еднаш докажа дека кусогледоста на власта и дипломатскиот аматеризам ја воведоа Македонија во стратешки ќор сокак. Алтернативи за развој на државата надвор од уздите на западниот неоимперијализам постојат. Но, за тоа е потребна промена на надворешно-политичкиот курс и отворање кон перспективите што ги нуди остатокот од светот, политика за која актуелната власт очигледно нема капацитети“, соопштуваат од Левица.

