Свет
Бајден за нападот врз Јемен: Ги загрозија нашите бродови, морнарицата, ова беше одговорот
Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека Соединетите Американски Држави и Велика Британија, со поддршка на Австралија, Бахреин, Канада и Холандија, извршиле напади во Јемен на локации што ги користат бунтовниците Хути велејќи дека, доколку е потребно, нема да се двоумат да се спроведат понатамошни дејства.
„Овие напади се директен одговор на нападите без преседан на Хутите врз меѓународните поморски бродови во Црвеното Море, вклучително и употребата на противбродски балистички ракети првпат во историјата“, рече Бајден во изјавата објавена од Белата куќа. „Нападите ги загрозија американскиот персонал, цивилните морнари и нашите партнери, како и трговијата и слободата на пловидба“, додаде тој.
Тој исто така рече дека, доколку е потребно, „нема да се двоуми“ да преземе дополнителни активности насочени кон заштита на луѓето и слободниот проток на трговија. Нападите против Хутите во Јемен и учеството на кралските воздухопловни сили ги потврди и британскиот премиер, Риши Сунак.
Американските власти открија за „Ројтерс“ дека нападите биле извршени со авиони, бродови и подморници, а цел биле повеќе од десет локации. Главниот град Сана, како и градовите Саада и Замар и провинцијата Ал-Худаида, се само дел од целите на нападите, потврди претставник на Хутите нарекувајќи ги тие напади „американско-ционистичко-британска агресија“.
Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, ги гаѓаа бродските рути во Црвеното Море за да покажат поддршка за Хамас, палестинската исламистичка група, која се бори против израелската офанзива во Газа. Во исто време, нападите ја загрозуваат меѓународната трговија на клучната рута меѓу Европа и Азија, која сочинува околу 15 отсто од светскиот бродски сообраќај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

