Македонија
Ковачевски: Продолжуваме по европскиот пат до членство во ЕУ, за повисок животен стандард и економска стабилност
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, со воведно обраќање ја отвори панел-дискусијата на тема: „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“ во рамките на кампањата на Владата на Република Северна Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“.
Во своето обраќање Ковачевски говореше за владините политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и придобивките што процесот на евроинтеграција, на европеизација на општеството, ги носи со членството на Северна Македонија во Европската Унија.
Денес, ќе разговараме за една многу важна тема, која е секогаш актуелна и е од интерес за граѓаните затоа што се однесува на она што им е приоритет, егзистенцијата, животниот стандард, како се живее и како ќе се живее, во услови на криза, но со трасиран европски пат пред нас.
„По членството во НАТО, следува Европа дома. Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од евро-атлантската ориентација во изминатите шест години. Но, тие многукратно ќе се зголемат со активното продолжување на европските интеграции и полноправното членство. Тоа што успеавме просечната и минималната плата да ги зголемиме за 50, односно 100 проценти од она што беа, е резултат, пред сѐ, на добрите политики, но и на нашата цврста определба за евроатланска интеграција. Искуствата велат дека со членството во ЕУ платите и пензиите ќе се зголемат меѓу 70-90 проценти и тоа е за очекување дека ќе се случи и за нас“, вели Ковачевски.
Потсети дека платите и пензиите растат и ќе продолжат да растат.
И сето ова, како што рече, се случува во услови кога инфлацијата, кој минатата година беше на рекордно ниво од 20 проценти, поради светската економско-енергетска криза, ја намаливме речиси 7 пати и денес е околу 3 проценти, како пред кризата.
„Стратешките одлуки што ги носи Владата имаат многу јасна цел, а тоа е развој на економијата, развој на приватниот сектор, нови вработувања и подобро платени работни места. Благодарение на тие одлуки нашата економија бележи раст, а задржувајќи се на патот кон Европската Унија даваме шанса за уште попросперитетна иднина за генерациите што доаѓаат. Поддршката од Европа ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија“, посочи премиерот.
Сега, оценува тој, и ние сме ѝ потребни на Европската Унија бидејќи во овој момент ЕУ има потреба да ја обезбеди стабилноста на европскиот континент.
„Јас ве уверувам сите дека Република Северна Македонија до 2030 година ќе стане европска Република Северна Македонија.
Европската иднина е пред нас и ние ќе направиме сѐ како политичари, како економисти, како претставници на политичките партии, тој сон и таа визија на нашите граѓани да ги оствариме“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај, Гази Баба и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 д 15.00 часот, дел од корисниците од село Љубин (општина Сарај), како и објектите на компаниите Мајами, Ана Компани, Мак лифт и Прилепска Пивара. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улиците Никола Мартиновски и Азем Хајдари, Албанскиот Тетар и објектите лоцирани околу него (општина Чаир), како и дел од корисниците од село Бојане. (општина Сарај)
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно, претпладне и кон крајот на денот со повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 15 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат, а на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од слаб снег
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.

