Македонија
Не можам да бидам портпарол на семејства на министри, рече Ковачевски за вработувањата на роднини во М-НАВ
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не може да биде портпарол на семејства на министри ниту, пак, претендирал да биде, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира тоа што половина Влада има вработени блиски луѓе во М-НАВ.
Премиерот одговори дека министрите што имале вработено некои роднини веќе си даваат свои ставови, а неговото мислење во однос на оваа тема секогаш било принципиелно.
Ковачевски ја доведе во прашање и транспарентноста при вработувањата во правосудстсвото и министерствата коментирајќи дека тоа е карактеристика на земјите во транзиција.
„Ако се отвори темата, треба да проверите и во Академијата на судии, кој сè станал судија и обвинител, па во министерствата на времето имаше еден поранешен министер, кој сега е гласен, а дури и дадилката си ја вработи во МНР. Тоа е карактеристика на едно општество во транзиција. Такви се сите држави во транзиција кога првобитното формирање на администрацијата има разни примеси“, рече премиерот.
Додаде дека веќе доаѓа време кога професионализмот ќе биде најклучен.
„Ова е држава што се развива, се разликува од пред 32 години и сметам дека професионалците ќе ја водат државата во иднина и до полноправно членство во ЕУ“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Криминалната Влада на Мицкоски молчи за тендерите од 9 милиони евра
Помина цел ден, а Владата на Мицкоски како да зенемела за скандалот што го објавивме, нема одговор на ниту едно прашање што го поставивме. Криминалната Владата молчи за тендерите од 9 милиони евра за фирма со двајца вработени формирана минатата година, обвини СДСМ.
„Па зарем немаат што да им кажат на граѓаните? Или им ги фативме криминалните шеми на кој начин преку „најповолни“ понуди се местат тендери, па се бранат со молчење? Станува збор за парите на граѓаните, речиси 9 милиони евра. Нека не се надева власта дека молкот може да ги спаси, одговорност за криминалот ќе има. Тоа што ДПМНЕ одговара во име на институциите е дополнителна потврда дека криминалните шеми се направени во Белата палата. Затоа ги знаат сите детали за тендерите. Ова што се случува во Македонија е организиран грабеж за испумпување на парите на граѓаните преку наместени тендери во едни исти фирми. Тоа е истата криминална шема на Никола Груевски кој испупмпа 2 милијарди евра а денеска е бегалец од правдата. Ученикот Мицкоски само го прави она што научил од неговиот ментор и учител“, велат од партијата.
СДСМ најави дека ќе продолжи со факти, со докази, со аргументи и документи да го разобличува криминалот на владата на Мицкоски.
„Јавното обвинителство, ДКСК, сите институции треба да се вклучат, да направат независна истрага и да делуваат. Работата сè уште не е завршена“, велат од СДСМ.
Македонија
Без струја делови од Петровец и Кисела Вода
Без струја денеска ќе останат делови од Петровец и Кисела Вода.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 01.12.2025 година ( понеделник ) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 08.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Димитар Мирасчиев. ( општина Кисела Вода ), во периодот од 08.30 до 14.30 часот, корисниците од главната улица во село Дивље. ( општина Петровец ) и во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Христо Татарчев – крак 15 – Припор. ( општина Кисела Вода )“, информира РЦУК.
Македонија
Приведени седум лица по натпреварот меѓу ФК Вардар и ФК Шкупи
Седум лица се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир по завршувањето на фудбалскиот натпревар меѓу ФК Вардар и ФК Шкупи.
Според информациите на МВР, синоќа по завршување на фудбалскиот напревар во рамките на Прва македонска фудбалска лига одигран помеѓу екипите на ФК Вардар АД Скопје и ФК Шкупи Скопје одигран на спортскиот комплекс на ФФМ „Петар Милошевски”, се приведени седум лица.
Тие се приведени поради сторени прекршоци со фрлање на пиротехнички средства од Законот за спречување на насилство на спортски натпревари, како и за нарушување на јавниот ред и мир со непристојно и дрско однесување и непочитување наредба на полициски службеници на две одделни локации на подрачје на град Скопје.

