Македонија
Шаќири: Ние сме Европа, градиме квалитетно образование во согласност со највисоките стандарди
Ние и сега и отсекогаш сме дел од Европа. Тоа е водилката што стои зад сè што како Министерство за образование и наука работевме изминативе години во делот на градењето квалитетно образование и приближување до глобалните образовни стандарди, рече министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на панел-дискусијата со наслов „Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ“, што во рамките на кампањата „Европска иднина, поблиску од кога било“ се одржа вчера во Скопје.
„Да имаме европско образование дома не е само барање што ни го наметнува членството во ЕУ. Тоа е потреба на нашите ученици, студенти и сите други што формално и неформално стекнуваат знаења и вештини и се вклучени во нивно обезбедување. Во свет што е високо интегриран такво треба да биде и образованието“, посочи Шаќири додавајќи дека единствен начин да се приближи квалитетот на домашното образование до посакуваните стандарди е тоа темелно да се реформира.
Промените во основното образование се прават со вклучување многубројни фактори: наставници, стручни и научни авторитети, граѓански асоцијации, родители и ученици.
„Зад концепцијата за основно образование стојат и Светската банка како и други релевантни меѓународни организации. Етапно ја реализираме преку нови наставни програми, вложување во обуки на наставниот кадар и подобрување на инфраструктурните капацитети. Наша цел е учениците да стекнуваат применливи знаења, да научат критички да мислат и да решаваат проблеми зашто основното образование има значајна улога во подготовката на учениците за иднината во Европа. Наставните програми поттикнуваат глобална свест, промовираат еднаквост, интеркултурализам и активно граѓанство, а практично доближувањето до европските вредности се реализира преку програмата ‘Еразмус+’ и проектите во рамките на транснационалната размена на искуства, во кои и основните училишта имаат можност да се вклучат“, нагласи министерот Шаќири.
Тој наведе дека средното стручно образование е исклучително успешна европско-македонска приказна, каде што користиме помош од повеќе партнерски земји, посебно од Швајцарија и Германија, во развивањето на моделот на дуално образование. Преку насочено теоретско и практично образование во реална производствена средина средношколците стекнуваат употребливи знаења, вештини и способности и се баран кадар од домашните, но и од интернационалните компании во зоните, иако, со еднаква успешност, може и да продолжат со академско образование.
Во високото образование наш постулат се автономијата на Универзитетот и академската слобода, укажа министерот објаснувајќи дека од година на година расте бројот на факултети со меѓународна акредитација, што реализираат квалитетни студиски програми и се под контрола на Агенцијата за квалитет во високото образование. Заложбите за дополнително поттикнување на процесите што значат подобри можности, како за наставно-научниот кадар така и за студентите, ќе се реализираат преку измени во регулативата и носење нов закон за високо образование. Со политиките во делот на високото образование исто така ја поттикнуваме мобилноста на студентите, професорите и на научниот кадар, со цел поттикнување меѓународна соработка, размена на знаења, подобрување на личниот развој и промовирање подлабоко разбирање на разни академски полиња.
Министерот Шаќири рече дека стратешка цел на Министерството за образование и наука е јакнење на европските перспективи за сегашните и идните генерации млади сè до нивно и формално интегрирање во големото ЕУ-семејство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

