Македонија
Политичка култура, а не најава за коалиција е присуството на наш претставник на конвенцијата на Нова алтернатива, рече Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека дека присуството на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, на конвенцијата на партијата Нова алтернатива не значи по дефиниција дека ќе има коалиција или соработка.
„Тоа е одлука на партијата, а партијата добила покана. Мислам дека треба кој било член на партијата да удостои формирање политичка партија доколку принципите на партијата, се разбира, се демократски и со европски вредности. Присуството не значи по дефиниција дека ќе се направи коалиција или соработка, тоа е политичка култура“, рече Петровска.
Додаде дека формирањето нови партии е одлика на плурализмот. Во поглед на тоа дали СДСМ стравува од одлив на гласови од која било политичка партија, Петровска вели дека во периодот што претстои, особено во кампањата, ќе има доволно простор да потсетат што сè било направено во изминатиот период и да понудат концепт и програма.
На чело на партијата Нова алтернатива застана градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.